Our Web Projects

СкопјеРасте е иницијатива која има за цел да поттикне дебата за визијата на градот која ќе ги вклучува интересите и потребите на сите негови жители. Се надеваме дека преку оваа платформа ќе придонесеме за вклучување на граѓаните на Скопје во една поширока дебата за урбанистичкото планирање на Скопје, презентирајќи ги урбанистичките планови и растот на градот, на еден визуелен јазик, подеднакво разбирлив и за граѓаните и за експертите. Овој истражувачки проект беше инспириран од идејата дека вистинско и значително учество на граѓаните е единствено можно само ако тие имаат навремен пристап до плановите на градот на разбирлив и достапен начин.

http://skopjeraste.mk/

Оваа платформа им овозможува на жителите на градот хронолошки и по одредени параметри (изграденост, зеленило, паркинг, бесправно) да се информираат за промените кои се случуваат во две градски четврти од центарот на Скопје. Ваквиот хронолошки пристап им дава увид на граѓаните и во идниот изглед на градот. Така, 2020 година е презентирана на начин кој им овозможува на граѓаните да видат како ќе изгледа градот доколку сегашниот план се исполни односно изгради во неговиот максимален капацитет предвиден со постојните урбанистички планови. Се надеваме дека на тој начин ќе поттикнеме поголема инволвираност на граѓаните во процесите на планирање и на донесување на одлуки кои се важни за нивното најблиско окружување и градот во целина. Артикулираното и прецизно објаснување на проблемите може да ги доближи општините до граѓаните и да им помогне на властите да ги спроведуваат идеите од деталните урбанистички проекти кои се продукт на комплексна мрежа на информации која се труди да биде во чекор со константните промени на градските процеси.

Се надеваме дека оваа идеја ќе биде прифатена од страна на локалната власт и дека ќе ги поттикне да размислуваат во насока на доградување на оваа платформа и нејзино користење во идниот раст на градот. Имајќи предвид дека новиот генерален урбанистички план на Скопје е донесен неодамна, општините ќе треба да ги усогласат деталните планови најдоцна до 2017 година. Се надеваме дека тие процеси ќе бидат многу потранспарентни и дека оваа платформа ќе понуди можност за поинаква дебата со жителите во тек тие процеси. Од друга страна, се надеваме дека преку едукација на граѓаните оваа платформа ќе обезбеди социјална мрежа посветена на урбаната демократија. Убедени сме дека само одговорни, активни и информирани граѓани можат да го обноват јавниот дух на граѓаните и ќе го зголемат нивниот апетит за познавање на градот како домен од највисока форма на јавен интерес. Се надеваме дека СкопјеРасте ќе придонесе кон овој процес.

Податоците кои се презентирани на оваа платформа се резултат на колаборативен проект кој го спроведовме заедно со архитектонското студио АРХИТЕКТРИ. Проектот финансиски беше поддржан од Think Tank Fund и Information Program на Open Society Foundations.

Реагирај! е иницијатива против насилството кое им се случува на жените и девојките на јавните места во Скопје. Со помош на новите технологии и анонимноста која оваа платформа ја нуди, собираме голем број податоци за вознемирувањата и насилствата со кои се соочуваат жените на јавните простори во Скопје, а кои често остануваат непрераскажани и непријавени. Овие податоци ќе се користат и за алармирање на надлежните органи за локациите, фреквенциите и видовите на вознемирувања и насилства кои се случуваат и со тоа се надеваме ќе придонесат за зголемување на безбедноста на жените и девојките на јавните места во Скопје.

http://www.reagiraj-bidibezbedna.mk

Овој сајт ви овозможува да пријавите било какво вознемирување на улица, во парк, во автобус или било која друга јавна локација или пак само да се информирате каде се случиле последните инциденти и колку се безбедни јавните простори и патеки кои ги користите. Идејата беше да им овозможиме на жените и девојките во Скопје онлајн мапа на зачестеност на било какво вознемирување или насилство и простор каде тие можат да го споделат нивното искуство или искуството на нивните пријателки, роднини, познанички.

На Реагирај! можете да ги регистрирате сите видови на насилство од свиркање, вулгарни коментари, до пипкање, следење, сексуален напад или вознемирување и навреди кои се секојдневна реалност на жените, а кои многу ретко се пријавуваат. Преку собирање на информации, слики, видеа и приказни од жени и девојки Реагирај! ќе обезбеди социјална мрежа посветена на превенција и сузбивање на родово базираното вознемирување на јавните места.

Дел од податоците собрани преку платформата РЕАГИРАЈ! се сумирани во нашата студија „Истражување на опсегот на родово базирано насилство“ публикувана во 2012 година.

Република Млади е иницијатива за одбрана на младинското учество. 60-тина организации од Македонија, младински и граѓански, се заложија да ја предизвикаат младинската мисла и да го рашират младинскиот глас за потребата од креирање платформа за младинска демократија. Платформата треба да обезбеди учество и влијание на младите во одлучувањето на сите нивоа во државата.

http://republikamladi.mk/index/

Република Млади во моментов е неформална иницијатива/коалиција која своите независни ставови ги гради врз база на искуствата, експертизите и перцепциите на своите организации, членки и поддржувачи. Активностите на иницијативата ги организира Координативно тело, во консултација со сите организации-членки.

Основна цел на Иницијативата е да дејствува кон креирање демократски, репрезентативен и инклузивен модел на национално младинско организирање во Република Македонија. Во таа насока, Република Млади цели да ја обезбеди државата за свој партнер во овој процес, а активно ќе соработува и со сите меѓународни институции и организации кои се активни во областа на младинското учество.

Република Млади е отворена платформа во која може да се приклучи секоја младинска или граѓанска организација која ги споделува целите на иницијативата. Контактирајте на info@republikamladi.mk за приклучување на вашата организација во Република Млади.