СкопјеРасте е иницијатива која има за цел да поттикне дебата за визијата на градот која ќе ги вклучува интересите и потребите на сите негови жители. Се надеваме дека преку оваа платформа ќе придонесеме за вклучување на граѓаните на Скопје во една поширока дебата за урбанистичкото планирање на Скопје, презентирајќи ги урбанистичките планови и растот на градот, на еден визуелен јазик, подеднакво разбирлив и за граѓаните и за експертите.
Овој истражувачки проект беше инспириран од идејата дека вистинско и значително учество на граѓаните е единствено можно само ако тие имаат навремен пристап до плановите на градот на разбирлив и достапен начин.
Оваа платформа им овозможува на жителите на градот хронолошки и по одредени параметри (изграденост, зеленило, паркинг, бесправно) да се информираат за промените кои се случуваат во две градски четврти од центарот на Скопје. Ваквиот хронолошки пристап им дава увид на граѓаните и во идниот изглед на градот. Така, 2020 година е презентирана на начин кој им овозможува на граѓаните да видат како ќе изгледа градот доколку сегашниот план се исполни односно изгради во неговиот максимален капацитет предвиден со постојните урбанистички планови. Се надеваме дека на тој начин ќе поттикнеме поголема инволвираност на граѓаните во процесите на планирање и на донесување на одлуки кои се важни за нивното најблиско окружување и градот во целина. Артикулираното и прецизно објаснување на проблемите може да ги доближи општините до граѓаните и да им помогне на властите да ги спроведуваат идеите од деталните урбанистички проекти кои се продукт на комплексна мрежа на информации која се труди да биде во чекор со константните промени на градските процеси.
Се надеваме дека оваа идеја ќе биде прифатена од страна на локалната власт и дека ќе ги поттикне да размислуваат во насока на доградување на оваа платформа и нејзино користење во идниот раст на градот. Имајќи предвид дека новиот генерален урбанистички план на Скопје е донесен неодамна, општините ќе треба да ги усогласат деталните планови најдоцна до 2017 година. Се надеваме дека тие процеси ќе бидат многу потранспарентни и дека оваа платформа ќе понуди можност за поинаква дебата со жителите во тек тие процеси. Од друга страна, се надеваме дека преку едукација на граѓаните оваа платформа ќе обезбеди социјална мрежа посветена на урбаната демократија. Убедени сме дека само одговорни, активни и информирани граѓани можат да го обноват јавниот дух на граѓаните и ќе го зголемат нивниот апетит за познавање на градот како домен од највисока форма на јавен интерес. Се надеваме дека СкопјеРасте ќе придонесе кон овој процес.
Податоците кои се презентирани на оваа платформа се резултат на колаборативен проект кој го спроведовме заедно со архитектонското студио АРХИТЕКТРИ.