Родова анализа на програмите и буџетите во единиците на локалната самоуправа

Донатор: UN WOMEN
Времетраење: октомври 2014 – февруари 2015

Инкорпорирање на родовиот аспект во планирањето, политиките и во буџетот на локалната самоуправа се однесува на специфичните потреби на жените и на мажите во сферите на јавниот транспорт, урбаното планирање и на јавните услуги. Вклучувањето на родовите перспективи во креирањето на локалните политики овозможува потребите на жените и на мажите да бидат еднакво земени предвид, како и пристапот до институциите, услугите и до буџетите спроведени од страна на ЕЛС да биде еднаков за жените и за мажите. Ваквиот пристап придонесува кон унапредувањето на положбата на жените и го поттикнува процесот што води кон остварување родова еднаквост во самите општини.

Со цел да се анализира моменталната состојба и да се оцени колку родовиот аспект се вградува при креирањето и при спроведувањето на политиките и буџетите во локалната самоуправа, неопходно е спроведување родова анализа на програмите и на буџетите во единиците на локалната самоуправа. Целта на оваа анализа не е само да се оцени колку локалните политики и буџети придонесуваат кон унапредувањето на родовата еднаквост туку и да се идентификуваат можни начини и да се дадат препораки за тоа како можат локалните буџети и програми да одговорат еднакво на потребите и интересите на жените и на мажите и да ја подобрат родовата еднаквост на локално ниво.