Се одржа работилница на тема „Родово-базирана дискриминација на пазарот на труд – препознавање и механизми за заштита“



На 23 ноември 2021 година, во просториите на здружението Гласен Текстилец во Штип се одржа работилница на тема „Родово-базирана дискриминација на пазарот на труд – препознавање и механизми за заштита“.

За време на оваа работилница, присутните кои во најголем дел беа жени работнички од текстилната индустрија, имаа можност да се запознаат со различните форми на родово-базирана дискриминација на работното место, најчестите форми на прекршување на работничките права на жените, кои се механизмите за заштита кои им стојат на располагање, која е улогата на Државниот инспекторат за труд и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како да пријават и кои се следните чекори во борбата против ваквиот вид на дискриминација.

Овие работилници се важни, бидејќи се алатка за информирање и охрабрување на текстилните работнички како да ја препознаат и пријават родово-базираната дискриминација на пазарот на трудот.

На работилницата свои обраќања имаа Васка Лешоска од Реактор – Истражување во акција, Кристина Ампева од Гласен Текстилец, Кире Василев од Комисија за спречување и заштита од дискриминација, и Маја Цветановска од Подрачната канцеларија на Државниот инспекторат за труд во Штип.

Оваа работилница е дел од проектот: “Зајакнување на граѓанските организации во борбата против дискриминација и унапредување на работничките права на жените”, имплементиран од Реактор – Истражување во акција, во партнерство со организации од Западен Балкан.

Проектот е финансиран од Европската Унија и ко-финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида).