Скопје, 4-ти ноември: Платформата за родова еднаквост одржа прес конференција на која беа презентирани наодите од анализата
која ја утврдува моменталната состојба и причините за зголемената смртност на родилките и новороденчињата во земјата. Македонија има највисока стапка на перинатална смртност во Македонија. Смртноста е во пораст од 2010 година, а во 2014 година е 14.3 и е речиси тројно повисока од европскиот просек кој изнесува 5.2. Смртноста на доенчињата исто така расте и ако во 2010 година била 7.6, во 2014 достигнува 9.9. Во Македонија, зголемени стапки на смртност се забележуваат во Дојран (30.3), Берово (22.3), Гевгелија (18.8), Крушево (18.5). Дополнително загрижувачки е податокот дека од 2011 година стапката на матернална смртност исто така се зголемува. Како резултат на досега регистрираните случаи на смрт на родилки, овој тренд се очекува да продолжи и во 2015 година.
Дел од главните причини за зголемената смртност се недостатокот на матични гинеколози и достапни јавни функционални гинеколошки установи, особено во општините со највисока стапка на смртност во државата, како и недоволните буџетските средства за превентивна здравствена заштита на мајките и децата кои од година во година се намалуваат и пренаменуваат за други цели. Жените од помалите места и руралните подрачја, како резултат на недостатокот на гинеколози и нефункционалните породилишта, немаат пристап до примарна здравствена заштита во антенаталниот и периодот по породувањето. Дополнителен проблем е и незаконска наплата кај матичните гинеколози, како и трошоците за партиципација кои се на товар на жените.
Платформата за родова еднаквост ги престави и препораките до креаторите на политиките, кои се базираат на наодите од анализата. Целосната анализа може да ја прочитате тука