
На 08.04 се одбележа Меѓународниот ден на Ромите. Но со какви сѐ предизвици и препреки се соочува ромската популација во Македонија, а особено Ромките кои доживуваат повеќекратна (етничка, класна и родова) дискриминација?
Ромките во Македонија се невидливи за институциите, маргинализирани на пазарот на труд, заборавени од здравството и исклучени од образовните и социјалните политики. Тие имаат ограничен пристап до вработување и социјална заштита. Дури 25% од нив доживуваат дискриминација при вработување, а повеќето се со низок степен на образование, невработени или, пак, работат во неформалната економија — најчесто како домашни помошнички, собирачки на отпад или во други несигурни, ниско платени работни места, без пристап до здравствено осигурување, пензии или работна сигурност.
Oвие последици се директно врзани со нееднаквиот пристап до образование. Само 2% од ромските деца се запишани во предучилишно образование, а само 71,8% од Ромките на возраст од 15 до 24 години се писмени, наспроти 98,1% од општата популација. Девојчињата Ромки често го напуштаат образованието рано, оставајќи многу жени без квалификации или вештини потребни за формално вработување. Дополнително, Ромките систематски се исклучени од програмите за стручно оспособување што би можеле да ја подобрат нивната вработливост и економска независност. Ова создава циклус на сиромаштија, неформалност & маргинализација, кој останува непрепознаен во трудовите и социјалните политики.
Понатаму, Ромките се соочуваат со географски и финансиски пречки во пристапот до здравствени услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, како и нееднаков третман. Само 57% од Ромките се регистрирани кај гинеколог во примарната здравствена заштита, а само 12% се опфатени со Програмата за скрининг на рак на грлото на матката. Околу 10% од бремените жени не посетиле ниту еден лекарски преглед, а од оние што биле на преглед, само 47% имале осум пренатални прегледи (како што е предвидено со усвоените протоколи за здравствена грижа за време на бременоста).
Истовремено, ромските населби се соочуваат со недостиг на основна инфраструктура, што ги изложува жителите на еколошки ризици и лоши здравствени исходи. Околу 40% од Ромите живеат во илегални домови, а 97% од населбите немаат дренажен систем, што ја зголемува ранливоста на поплави. Исто така, 48% од Ромите не добиле здравствена заштита кога им била потребна за време на пандемијата.
За справување со овие прашања потребни се насочени интервенции, како што се програми за стручно оспособување, образовни програми & законска заштита на пазарот на трудот, со цел да се прекине циклусот на сиромаштија и да се поддржат Ромките во остварувањето на финансиска независност и економско зајакнување. Истовремено, потребни се одржливи решенија за подобрување на инфраструктурата во ромските населби и обезбедување сигурно домување како предуслов за подобрување на здравјетои животниот стандард.
Извор: Анализа на состојби направена за потребите на процесот за проширување на ЕУ (2025) – Реактор – истражување во акција, Коалиција Маргини, ЕСЕ.