
Тимот на „Реактор – Истражување во акција“ во вторникот, 3-ти јуни 2025, учествуваше на промоцијата на извештајот на Центарот за развој на OECD (Организација за економска соработка и развој) со наслов Енергетски цени и субвенции во Западен Балкан: Реформи за праведна и зелена иднина, проследена со панел-дискусија за енергетската транзиција во С. Македонија.
Со цел воведување на меѓусекторска родова компонента во проектот, OECD го ангажираше Реактор заедно со партнерски организации и експерти од Западен Балкан да спроведе квалитативна проценка што ќе ги истражи родовите разлики во влијанието на енергетските реформи врз домаќинствата. Преку фокус групи, ги анализиравме моделите на потрошувачка, справувањето со поскапувањата, пристапот до социјални мерки и ставовите кон енергетските политики – со цел да придонесеме кон поправеден и поодржлив енергетски систем.
Намалувањето на јаглеродните емисии и зајакнувањето на енергетската издржливост се клучни приоритети за С. Македонија. Производството на електрична енергија во земјата сè уште во голема мера се потпира на јаглен и природен гас, додека, пак, сѐ поголемата зависност од увоз ја изложува на глобални ценовни шокови. И покрај овие предизвици, С. Македонија постави амбициозни климатски цели и презеде водечка улога во регионот со усвојувањето на првиот Национален план за енергија и клима (NECP) во Западен Балкан. Енергетската транзиција изискува нови политики што би ја зајакнале енергетската безбедност на земјата, којашто моментално зависи од увоз, праведно распределувајќи ги трошоците и можностите што произлегуваат од транзицијата во општеството.
Со воведување реформи во начинот на кој се подржува енергетскиот сектор во С. Македонија се отвора простор за значајни промени. Ниските цени на енергијата и тековните субвенции ја попречуваат ефикасноста, ја нарушуваат конкуренцијата и го оптоваруваат јавниот буџет. Интервенциите за одржување на ниски цени најмногу им користат на побогатите домаќинства. Реформите во јавната поддршка на енергетскиот сектор може да ослободат значителни финансиски ресурси што би можеле да се насочат кон инвестиции во праведна и зелена енергетска транзиција. Истовремено, зголемените јавни заштеди ќе ѝ овозможат на С. Македонија подобро да ги поддржи и интегрира најранливите сегменти од населението, во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката и новоусвоениот Закон за енергетика.
Во своето воведно обраќање, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потврди дека со новиот Закон за енергетика се воведуваат таргетирани субвенции со цел да се поддржат најранливите потрошувачи. Таа посочи дека особено внимание се обрнува на социјалната димензија на енергетските политики преку директна поддршка на граѓаните. На пример, се предвидува поддршка за „енергетски заедници“, со цел да се поттикнат групи на граѓани и соседи заеднички да инвестираат во обновливи извори на енергија. Заменичката амбасадорка на Шведска Елизабет Далберг Фриск се надоврза истакнувајќи дека енергетската инфраструктура на Балканот мора да се обнови, а инвестициите во тој сектор се брзо исплатливи, како социјално така и економски.
Раководителот на Одделот за дијагностика и стратегии по земји при ОЕЦД Хуан де Лаиглесија ги презентираше клучните наоди од извештајот во однос на С. Македонија според кои:
- Во периодот од 2018 до 2023 година, С. Македонија издвојувала 594 милиони евра за поддршка на енергетскиот сектор и обезбедила 1,4 милијарди евра субвенционирана електрична енергија за потрошувачите.
- Најголем дел од овие субвенции и мерки за поддршка биле спроведени за време на енергетската криза во 2021–2022 година, со цел да се задржат пониски цени.
- Поситуираните домаќинства, кои трошат повеќе електрична енергија, уживаат и поголема финансиска корист од субвенциите базирани на униформни цени.
- Пренасочувањето на овие средства би можело да помогне во финансирање на енергетската транзиција и реформа на системите за социјална заштита и поддршка на ранливите групи, со што би се поттикнала јавна поддршка за прилагодувањето на енергетските цени и пошироките реформи во секторот.
Лаиглесија истакна дека Развојниот центар на ОЕЦД ги поддржува реформите во Северна Македонија и Западен Балкан преку анализа, советодавна поддршка и размена на искуства. Извештајот Енергетски цени и субвенции во Западен Балкан: Реформи за праведна и зелена иднина предлага пет клучни препораки за С. Македонија: зајакнување на регулаторната рамка, усогласување на цените со пазарот, справување со енергетската сиромаштија, поттикнување на обновливи извори и граѓанско учество и развој на квалификувана работна сила.
Во дискусијата што ја модерираше Лаиглесија учествуваа Мирослав Лабудовиќ, заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Николче Јанкуловски, заменик-министер за финансии, Тодор Анѓушев, претседател на Групацијата за обновливи избори на енергија во рамки на Стопанската комора, Анастасија Стефановска, Раководителка за економски прашања при Регулаторната комисија за енергетика, Кире Василев, истражувач во „Реактор – Истражување во акција“ и Александру Албу, претставник на делегацијата на ЕУ во С. Македонија.
Панелистите се согласија дека со усвојувањето на Националниот план за енергија и клима (NECP) и новиот Закон за енергетика, С. Македонија веќе ги поставила темелите за енергетската транзиција. Но, сега следи клучниот предизвик – правична и ефективна имплементација. Заедничката порака на учесниците беше јасна: реформите во енергетските субвенции и цени се суштински чекор кон праведна, зелена и одржлива енергетска иднина, но сепак се само еден сегмент од пошироката агенда за трансформација на енергетскиот сектор.
Како што истакна нашиот колега Кире Василев, справувањето со енергетската сиромаштија во С. Македонија подразбира креирање на програми насочени кон човековите потреби. Приходот не смее да биде крајна цел, туку мора да го поедноставиме пристапот и да понудиме итна помош и долгорочни решенија што ги земаат предвид социјалните, а особено родовите аспекти.