На 17 јуни 2019 година во Хотел Александар Палас, се одржа завршна конференција во рамки на проектот „Родово рамноправна ЕУ интеграција? – градење капацитети на женските граѓански организации“ насловена „Интегрирање на родовата перспектива во процесите на ЕУ интеграција – вклучување на женските граѓански организации“.
Конференцијата ја отвори г-а Вирве Вимпари, Раководителка на Сектор при Делегацијата на ЕУ, која ги поздрави женските граѓански организации и ја нагласи нивната клучна во спроведувањето политики за родова еднаквост, како и во процесот на следење и оценување на реализацијата на заложбите на Владата на оваа тема.
Понатаму, Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, г. Матс Стафансон, пак, ја нагласи родовата еднаквост како значајна за напредокот на целото општество: „Родовата еднаквост е корисна за секој дел од општеството и како таква мора да се смета за приоритет од страна на сите засегнати страна. Во исто време важно е да се запомни дека родовата еднаквост всушност е многу повеќе од штиклирање полиња. Таа овозможува жените и мажите на национално и глобално ниво ги имаат истите права, можности и одговорности.“
Г-а Воскре Наумоска Илиева, проектна координаторка во фондацијата Kvinna til Kvinna го забележа напредокот во однос на родовата еднаквост, но ја нагласи недоволната застапеност на жените при носење на важни политички одлуки: „Клучно за родовата рамноправност е жените да бидат дел од процесите на одлучување. Фокусот на проектот „Родово рамноправна ЕУ интеграција? – градење на капацитетите на женските ГО” беше токму тоа, жените активистики, жените бранителки на човекови права, претставничките на женските организации, да го бараат и добијат своето место во процесите на ЕУ интеграција.“ – додаде таа.
Со проектот се преку разни обуки за градење на капацитетите и унапредување на родовата еднаквост, опфатени се 65 претставнички од 24 женски граѓански организации, 40 претставници од националните механизми за родова еднаквост и претставници од ИПА секторите, а 6 претставнички на женски организации беа дел од состаноци со значајни чинители во Брисел како уникатна можност за воспоставуање соработка и комуникација и нивно позиционирање како експерти во полето на родавата еднаквост. – појасни Наумоска Илиева.
Конференцијата продолжи со обраќањето на претставнички од неколку граѓански организации. Марија Башевска од Реактор – Истражување во акција и Слаѓана Јосифовска од Женски Форум Тетово зборуваа за интегрирањето на родовата перспектива во процесите на ЕУ интеграција и вклучување на женските граѓански организации во процесите на донесување одлуки на национално ниво, додека пак Бети Толеска од КХАМ Делчево, Ирина Поцкова од Граѓанска иницијатива на жени Свети Николе и Васка Лешоска од Реактор – Истражување во акција зборуваа за родовата перспектива во политиките на локално ниво и споделија искуства и примери од нивната работа со институциите на локално ниво, како и препораки за подобрување на состојбите.
На настанот присуствуваа над 50 претставници од граѓанските организации, јавните институции и амбасади.
Проектот „Родово рамноправна ЕУ интеграција? – градење капацитети на женските граѓански организации“ е финансиран од страна на Европската Унија, претставена преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а се реализира во рамки на децентрализираната Национална програма за транзициона поддршка и градење на институциите, спроведувана од Генералниот Секретаријат на Владата и Министерството за финансии.