Во борбата против насилството врз жените мора да се вклучат и мажите – и за свое добро

Се одржа завршната конференција: „Грижи се машки – Од свесност до вклученост – второ издание, Вклучување на мажите во превенција на родово насилство и работа со сторители со фокус на безбедноста на жртвата“

Вчера, 22 ноември, се одржа завршната конференција на тема „Грижи се машки – Од свесност до вклученост: Вклучување на мажите во превенција на родово насилство и работа со сторители со фокус на безбедноста на жртвата“, во организација на Реактор – истражување во акција и ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување.

„Предизвикот со родово базирано насилство врз жените не е само личен, ниту пак е релациски предизвик, тој е длабоко социјален, културолошки и општествен и затоа бара комплексни решенија. Со секој нов ден сме сѐ посвесни дека ако сакаме да го превенираме насилството, покрај со жртвата, мора да работиме и со сторителите на насилството. Потребна е рехабилитација, едукација, меѓутоа и поддршка, како на жртвите на насилство, така и на сторителите“, изјави Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, во своето поздравно обраќање до присутните на конференцијата.

Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА, се осврна на токсичната мажественост којашто е сеприсутна и штетна подеднакво и за мажите и за жените. „Нашето општество е традиционално, патријархално и мажественоста што ја гледаме наоколу, во основа, е насилна и доминантна во својата моќ врз жените. Најстрашно од сѐ е што таа токсична мажественост е нормализирана, без разлика дали се случува во домот, медиумите, училиштата или во јавниот простор. Притоа, малку се прави, особено системски, за таа да се промени пред сѐ за да се намали насилството во кое најчесто жртви се жените и девојките.“

Поздравно обраќање на конференцијата имаа и Харалд Фугер, аташе за Северна Македонија од австриското Министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, како и Ели Скамбор, директорка на Здружението за машки и родови прашања Стирија.        

Во првиот панел се дискутираше за мулти-професионалната превенција на родово заснованото насилство, за работата со сторителите со фокус на безбедноста на жртвата и за можностите за советување на мажи кај нас. Давајќи краток осврт на состојбите и анализа на овдешните ресурси и потреби на темата, Тања Иванова од Реактор нагласи дека најголем дел од испитаниците кои биле вклучени во онлајн истражување со клучни чинители во земјава, сметаат дека мажите и момчињата можат да се вклучат во превенцијата на насилството преку формирање на специјализирани центри за бесплатна психосоцијална поддршка (67 %) и отворање на СОС телефонски линии за помош на мажи и момчиња (60 %).

Фокусирајќи се на важноста од развивање програми преку кои мажите ќе научат како да ги решаваат проблемите без да користат насилство, Весна Матевска, програмска раководителка од ХЕРА, ги презентираше двата акциски плана за превенција на насилството и за работа со сторители на насилство, со конкретни активности што надлежните институции треба да ги спроведат до 2027 година. Дополнително, во втората сесија, таа и Бојан Јовановски од ХЕРА ја презентираа и националната концепција која дава практични насоки за тоа како треба да изгледа центар за поддршка на мажи.  

Свои излагања имаа и Славица Мирческа од Министерството за образование и наука, која ги истакна институционалните напори и важноста на родово-сензитивното образование; проф. д-р Дејан Ајдуковиќ, психолог од хрватското Психолошко друштво за самопомош, кој се осврна на придобивките од работата со мажи и момчиња во превенцијата на РБН;  Мориц Теурецбахер и Надин Лампел од  Здружението за машки и родови прашања Стирија, кои зборуваа за  практичното искуство со воведувањето на грижливата мажественост во работата со сторителите и Лидија Штерјов од Министерството за труд и социјална политика, која потсети на институционалните напори за вклучување на мажите во борбата против насилството и новите центри за советување и работа со сторители.

Конференцијата ја затвори Ралф Пучерт од Здружението за машки и родови прашања Стирија, кој зборувајќи за следните чекори, ја потенцираше важностa од обезбедување соодветна финансиска поддршка во справувањето со насилството.

Овој настан е дел од проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвата и советување на мажите во Северна Македонија“ поддржан од Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark (Здружение за машки и родови прашања Стирија) (Грац, Австрија) со финансиска поддршка од aвстриското Сојузно министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.