Една птица пролет не прави – заеднички глас на младите од помалите етнички заедници

По 18 јавни дебати во 18 градови во Македонија, денеска се одржува финалната јавна дебата насловена „Каква е позицијата на младите од помалите етнички заедници во Македонија?“ на која имаше можност да се чујат проблемите со кои се соочуваат припадниците на помалите етнички заедници. Денешната дебата е последната јавна дебата од циклусот насловен “Република Млади“ во кој во изминатите месеци повеќе од илјада млади земаа учество и ги дискутираа проблемите и предизвиците со кои се соочуваат на национално ниво, организирана од Иницијативата за одбрана на младинското учество, неформална коалиција од 51 младинска организација .

Ставот на говорниците на денешната дебата е идентичен, сите млади делат заеднички проблеми и треба заеднички да се залагаат за нивно решавање, но дополнително овие млади се соочуваат со специфични предизвици, поврзани со нивно застапување во стуктурите, квалитетот на образование кое го добиваат и препознавање од страна на заедницата во која живеат.

„Последните истражувања покажуваат дека клучните проблеми на младите во Македонија се исклученост од носењето одлуки на локално и национално ниво, огромна стапка на невработеност и непостоечко или партизирано младинско организирање, овие проблеми ги делат сите млади во Македонија. Овие проблеми ги делат и оние 75 илјади млади од помалите етнички заедници во Македонија“ – Марјан Забрчанец, Младински образовен форум.

Младите Турци во Македонија имаат со Устав загарантирано право на образование на мајчин јазик, но не и услови за нивно изведување, Торбешите не се препознаени од Уставот на Р. Македонија и сметаат дека не се претставени во државната администрација и во процесите на донесување одлуки, младите Бошнаци најчесто по завршување на образованието ја напуштат државата, а младите Роми се чуствуваат гетоизирани и дискриминирани.

„Во Македонија помалите етинички заедници се запоставени, за нивната состојба малку може да се чуе во јавните гласила. Поголемиот број од проблемите со кои се соочуваат младите, не се проблеми на Македонската, Албанската, Влашката или Турската заедница, туку се проблеми на сите нив, сите ние сме граѓани на оваа држава и сакаме да живееме заедно, и ова го имаме изјавено повеќепати, сите сме дел од една средина и заеднички треба да наоѓаме решенија за проблемите со кои се соочуваме“– Елвин Хасан, УФУК

„Потребно е да градиме демократско јадро, младински концензус за да ја подобриме положбата на младите и да не дозволиме да бидеме потиснати и марионети на одредени сили – Анѓел Николов, Совет на млади Власи

„Бошнаците по завршување на образованието одат надвор од државата, тие наместо да вложуваат во нивната земја, наоѓаат начин и заминуваат од Македонија. Бошњаците се малку застапени бидејќи политички претставници  не се интересираат и не ги застапуваат правата и потребите на Бошњаците“ – Алмира Папиќ, Шадрван

„Државата никаде не предвидела место за торбешката популација. Торбешите не се внесени во преамбулата на Уставот на РМ, сметаме дека доколку ова се поправи ќе се поправи и неправдата која им е нанесена на Торбешите“ – Белма Хаџикамбер, Румелија

„Младите Роми живеат во населби и гета без основни и неопходни услови за живот. Тие се дискриминирани и немаат можност на напредок. Младите не се иднината, поради тоа што тогаш ќе бидат веќе возрасни, затоа младите се сегашноста“ – Сејнур Шаиновски, Национален ромски центар

Националниот младински парламент е еден од начините да се обезбеди претставување на младите, припадници на помалите етнички заедници и платформа за дискусија на заедничките проблемите со кои се соочуваат младите, како што се невработеноста и нивната улога во донесување на одлуки, но и место за дискусија и решавање на проблемите со кои се соочуваат и младите припадници на овие заедници. Оваа форма на организирање на младите би обезбедила рамноправно претставување на младите и механизам за гласот на младите да биде чуен.

 

Со почит,

Иницијатива за одбрана на младинско учество

www.mladizakon.org