
Жените сѐ уште се во понеповолна положба на пазарот на трудот во споредба со мажите. Тие земаат пониско учество во работната сила и бележат пониски стапки на вработеност.
Ова го потврдува новиот извештај за OECD, Родовата еднаквост во свет што се менува каде се вели дека во земјите во ЕУ жените поминуваат помалку часови во платена работа и почесто работат со скратено работно време од мажите, што влијае врз платата, кариерниот напредок и правото на социјална заштита заснована на придонеси (пр. невработеност, семејно отсуство).
Во просек, во земјите во ЕУ, жените кои работеле со полно работно време во 2023 година заработиле 9% помалку од мажите кои работеле со полно работно време.
Овие разлики се акумулираат низ целиот работен век, што значи дека жените на крајот на кариерата имаат помали пензии и пониски приходи. Според извештајот, пензионираните жени во OECD земјите добиваат 24% пониска пензија од мажите со што постарите жени се соочуваат со поголем ризик од сиромаштија и социјална исклученост.
Родовиот јаз на пазарот на труд делумно се должи на распространетите родови стереотипи околу платената и неплатената работа. Во споредба со мажите, жените сѐ уште трошат повеќе време на неплатена грижа, особена грижа за децата и постарите/болни лица, што претставува една од најголемите пречки за понатамошен напредок на пазарот на труд – жените често се принудени да ја напуштат работата (односно не им ги продолжуваат работните договори), непропорционално повеќе да земаат остсуство од работа, да работат со скратено работно време и слично.
Родовите разлики во неплатената грижа и домашните обврски почнуваат уште од детството. Девојчињата многу почесто од момчињата се вклучуваат во домашна работа – готвење, чистење, миење садови или грижа за помалите деца. Момчињата, пак, почесто извршуваат задачи што се сметаат за „машки“, како косење трева, изнесување ѓубре или ситни поправки. Само 68% од жените и 52% од мажите на возраст од 16 до 74 години целосно се согласуваат дека момчињата треба да делат исти обврски во домот со девојчињата.
Овие очекувања се пренесуваат меѓугенерациски од околината и родителите кои свесно или несвесно ги учат децата на „женски“ и „машки“ обврски, но присустни се и во медиумите, образовниот систем и конзервативните, назадни државни политики.
Како владите низ светот се борат со родовиот јаз?
За да се намали разликата меѓу мажите и жените во платената и неплатената работа се предлагаат и усвојуваат различни мерки:
- Поддршка на родовата еднаквост уште од најрана возраст, особено преку образование.
- Политики кои помагаат да се овозможи баланс помеѓу работата и семејниот живот.
- Повеќе градинки и домови за стари лица.
- Пристап до платено родителско отсуство за двајцата родители.
- Мерки за развој на претприемачки екосистеми кои ги поддржуваат жените претприемачки.
- Компаниите задолжително да известуваат за родовиот јаз во платите.
- Даночни олеснувања за ублажување на ефектите од неплатената грижа врз пензијата и заработката.