Институционалниот лавиринт на мерки и граѓаните во време на пандемијата со КОВИД-19

Во изминатиот период добивме информации од граѓанки и граѓани за потешкотии во обидите да стапат во контакт или да добијат прецизни информации и насоки од институциите преку назначените телефонски броеви достапни за кризни и други мерки во време на пандемијата со КОВИД-19.

Во согласност со нашите тековни активности поврзани со следење на КОВИД-19 кризата и одговорот на надлежните институции во креирање и спроведување на кризните мерки, пристапивме кон тестирање на достапноста и функционалноста на телефонските линии на дел од институциите задолжени за имплементација на кризните мерки и обезбедување на непречено остварување на правата на граѓаните по различен основ. Во периодот од 2 до 7 април, во случајно избрани интервали на телефонско јавување од 10:00 до 16:00 часот, беа контактирани Националниот кол центар за економски и други мерки за време на КОВИД-19 кризата, Агенцијата за вработување на РСМ, Државниот инспекторат за труд, Фондот за здравствено осигурување, како и СОС линиите за жртви на родово базирано и семејно насилство. Тестирањето во назначениот период ни покажа дека дел од телефонските линии не се постојано достапни, или пак е потребно повеќекратно повторување на повиците во подолг временски период за да се добие оператор на линијата и се оствари комуникација за добивање на понатамошни информации.

Земајќи ја предвид прогласената вонредна состојба во време на пандемија со КОВИД-19 и постојаното обновување и воведување на нови кризни мерки речиси на дневно ниво, потенцираме дека ефективноста на мерките за поддршка на различни групи граѓани зависи од достапноста, функционалноста и ефикасноста на институциите во овој кризен период. Токму затоа, апелираме до Владата и институциите:

  • Соопштенијата за кризните мерки и другите мерки за поддршка на граѓаните во престојниот период да бидат пропратени со јасни упатства и насоки за потребните чекори кои граѓаните треба да ги преземат за остварување на правата (пр. достапен и функционален телефонски контакт и имејл од надлежните институции, потребни документи, одговорни институции);
  • Да се овозможи по електронски пат да се вршат пријавувањата и регистрациите за кризните и другите мерки секаде каде тоа е возможно, за да се минимизира упатувањето на граѓаните лично да ги посетуваат институциите во ек на пандемија и вонредна состојба;
  • Да се овозможи постојана достапност и ефикасно информирање на назначените телефонски броеви на институциите за информации и услуги поврзани со кризните мерки и другите мерки за поддршка на граѓаните;
  • Да се објавуваат тековни информации и податоци за состојбата со пријавувањата на родово базирано и семејно насилство од почетокот на пандемската криза за да може да се обезбеди навремено следење на состојбите и преземање на соодветни мерки за заштита и поддршка на жртвите.

Имајќи ги предвид вонредните околности во кои сме, би сакале да нагласиме дека ќе продолжиме да ги мониторираме заложбите на институциите и на Владата во однос на справување со кризата предизвикана од COVID-19. Сакаме да нагласиме дека ефективноста на сите кризни мерки ќе зависи од ефикасноста и достапноста на механизмите за нивно остварување. Граѓаните треба да имаат можност непречено да ги остварат своите права, а институциите имаат одговорност непречено да ја овозможат имплементацијата на мерките. Ја цениме посветеноста на вработените во јавните институции и би сакале да изразиме поддршка  за сите оние кои работат во вонредни околности за справување со кризата.

Документот погледнете го на овој линк.