Коалицијата ЕКВАПРО (EQUAPRO) го промовираше извештајот кој го следи вклучувањето на родовата перспектива во процесот на пристапување во ЕУ

На 28 февруари 2024 година, Коалицијата за родова еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ (EQUAPRO) ги претстави клучните наоди и препораки од својот последен мониторинг извештај: „Кон инклузивен родово одговорен пристап во ЕУ на Западен Балкан“ преку онлајн настан кој вклучи повеќе од стотина учесници од целиот Западен Балкан (ЗБ) и Европската Унија (ЕУ). Извештајот го разгледува  степенот до кој владите на ЕУ и ЗБ ја интегрирале родовата перспектива во процесот на пристапување во ЕУ, споредувајќи го напредокот во 2021 и 2022 година.

За време на воведното обраќање, Хилен Франке, раководителка на Секторот за граѓанско општество, социјална инклузија и развој на човечкиот капитал во ЗБ и Турција при Европската комисија, ја истакна важноста на родово одговорен и партиципативен процес на пристапување во ЕУ. „Родовата еднаквост и правата на жените се клучни елементи на процесот на проширување, а проектите како овој ни помагаат да идентификуваме кои се преостанатите предизвици и кои се главните двигатели за промени“, рече таа.

„Веруваме дека следењето на процесот на пристапување во ЕУ преку родови леќи е од клучно значење за граѓанското општество, националните чинители и ЕУ“, рече Тања Иванова, регионален програмски менаџер и претседателка на Реактор – Истражување во акција. „Оваа акција покажа какви заеднички активности можеме да направиме заедно како регион. Можеме да придонесеме за трансформацијата на нашите општества и да ги направиме похумани преку подобро вклучувањето на родовите аспекти во главните политики во нашите земји и придонесувајќи кон известувањето во сенка, но исто така и кон креирање политики и донесување одлуки. Тие мора да ги вклучат жените затоа што жените претставуваат половина од нашето општество и нивните гласови треба да се слушнат и нивните потреби да се адресираат“.

Џулија Пасквинели, советничка за политика и застапување за ЗБ во Фондацијата Квина тил Квина, ги презентираше главните наоди и препораки од регионалниот извештај. „Процесот на пристапување во ЕУ останува главниот двигател на продемократските реформи и унапредувањето на основните вредности, вклучително и родовата еднаквост, во Западен Балкан, но резултатите досега се разнолики“, рече таа. „Иако наодите од извештаите покажуваат, покрај тоа што активностите за застапување на групите за права на жените придонеле за некои позитивни случувања, ќе биде неопходно дополнително следење за да се процени колку се суштински, трансформативни и одржливи овие промени. Потребни се поголеми напори за транспарентност и инклузија“, заклучи таа.

Потоа, претставниците од партнерските организации на ЕКВАПРО во секоја земја ги споделија клучните наоди од брифовите за земјите, истакнувајќи ги клучните предизвици и најдобрите практики низ регионот. Забележаните клучни прашања ја вклучуваат потребата ЕУ и владите да вклучуваат различни организации за правата на жените во редовни, структурирани и инклузивни политички дијалози; натамошна политичка волја за интегрирање на родовата перспектива во донесувањето на одлуки и креирањето политики; да се воспостават структури и системи кои ќе ја подобрат одговорноста, вклучително и во рамките на системот за управување со податоци OPSYS на Европската комисија и во родовото обележување на акциите финансирани од ЕУ; и да се обезбеди соодветно внимание на агендата за жените, мирот и безбедноста преку подобро ангажирање на организациите за правата на жените во родова анализа и интервенции за понатамошен мир и безбедност во регионот.

Во извештаите од мониторингот се користеше сеопфатна методологија за следење и известување за областите релевантни за процесот на пристапување во ЕУ од родова перспектива, вклучувајќи 50 специфични индикатори во рамки на 10 критериуми, од кои 45 национални и 5 регионални индикатори. Партнерските организации на ЕКВАПРО ќе продолжат да го следат овој процес во иднина.

Овој настан е организиран како дел од акцијата „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“ (2021-2024), која ја подобрува регионалната соработка меѓу граѓанските организации кои работат на унапредување на правата на жените, обезбедувајќи родови анализи за информирање на креирањето политики, поддржувајќи застапување засновано на докази кон вклучување на родова перспектива во процесот на пристапување во ЕУ, и мониторирање на реформите поврзани со процесот на пристапување во ЕУ од родова перспектива. Оваа акција е кофинансирана од ЕУ и Шведска и имплементирана од шест партнерски организации: Реактор – Истражување во акција (Северна Македонија), Фондацијата Kvinna till Kvinna (Канцеларија во Северна Македонија), Мрежата на жени на Косово (KWN), Мрежата за зајакнување на жените во Албанија (AWEN), Права за сите (Босна и Херцеговина) и Центарот за права на жените (Црна Гора).

Извештајот е достапен на следниот линк.