Научна регионална конференција за социјално претприемаштво

18.11.2016. Скопје. Во екот на развојот на јавната дебата за социјалните претпријатија и обидите на владите за нивно правно регулирање, организации од Македонија во соработка со партнери од Албанија и од Косово, иницираа создавање на балканска мрежа на истражувачи во областа на социјални претпријатија.

На 17 и 18 ноември во Скопје се одржа средба на регионални истражувачи во рамки на научната конференција со наслов “Истражување на развојот на социјалните претпријатија на Балканот”.

Настанот беше во организација на „Реактор-истражување во акција“ во партнерство со „Паблик“ и „Конект“ од Македонија, како и со „Партнерс Албанија“ од Албанија и Центарот за мир и толеранција од Косово, кои заеднички го спроведоа истражувањето „Предизвиците и можностите на социјалните претпријатија за вработување маргинализирани лица“ поддржано од Регионалната програма за промоција на истражувањата во Западен Балкан.

На конференцијата беа презентирани најновите истражувања кои се однесуваат на развојот на социјалното претприемаштво во регионот, но и се поставија основите на Балканската мрежа на истражувачи во областа на социјалните претпријатија.

Поттикнување регионална дебата, придонес кон регионалните истражувања и процесите на креирање политики во областа на социјалното претприемаштво и социјалната економија се дел од целите на новоформираната Балканска истражувачка мрежа за социјални претпријатија, во која учествуваат истражувач(к)и од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и од Словенија.

– Идејата за мрежата  e резултат на двегодишниот истражувачки проект кој го спроведовме во Македонија, Албанија и Косово и нашето поврзување со истражувачките мрежи од Европа. Со креирање на оваа платформа составена од организации, институции и поединци кои работат во оваа област на Балканот, сакаме да ја развиеме регионалната соработка на заеднички истражувачки проекти, да отвориме простор за дискусии, споделување на знаења и практични искуства кои ќе влијаат на развојот на социјалната економија и социјалните претпријатија во регионот – изјави Марија Башевска, истражувачка во „Реактор” и координаторка на регионалниот проект.