Неопходни се политики кои промовираат споделена грижа и поголемо вклучување на мажите во грижата

Речиси две години од почетокот на пандемијата со Ковид 19, состојбата продолжува да ги акцентира  нееднаквостите во сите сфери на живеењето, а родовата нееднаквост станува уште понагласена.

Во просек, жените во Северна Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа за грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа. На дневна основа, во споредба со мажите, жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, 9 пати повеќе време за готвење и 3 пати повеќе време за грижа околу децата.[1]

Официјалната статистика за Северна Македонија, според спроведените анкети за користење на времето, понатаму ја потврдува стереотипната родова поделба и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека жените посветуваат повеќе време на неплатена работа за грижа. Во еден работен ден, во просек 70,9% од времето поминато на работа за мажите се компензира со плаќање, додека само 37,6% од времето што жените го поминуваат на работа е платено.

Кога станува збор за балансирање на одговорностите меѓу родителите, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на двата родители во грижата и воспитувањето на децата и ќе овозможат споделување и комбинирање на родителско, татковско и породилно отсуство според потребите на родителите, како на мајките така и на татковците.  Во оваа насока, неодамнешната студија на Реактор[2] која се фокусира на искуствата и ставовите поврзани со учењето на далечина во основните и средните училишта потврдува дека жените, односно мајките/женските старатели биле убедливо примарните негуватели за нивните деца додека училиштата беа затворени (поради КОВИД-19 пандемијата).

Доколку неплатената работа за грижа од страна на жените во Северна Македонија се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 € , што е 17,18% од бруто домашниот производ (БДП) на Северна Македонија за 2019 година. [3] Имајќи го предвид сето ова, време е конечно да ја препознаеме вредноста на неплатената грижа и да почнеме да се грижиме за неформалната економија на грижа.

Ова се дел од наодите од новата студија на Реактор – Истражување во акција, насловена Мажите и грижата (МиГ): Грижлив маскулинитет во Северна Македонија, која се фокусира токму на овие аспекти, и претставува сеопфатен извештај кој меѓу другото ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, и се осврнува на мажите и грижата, како и политиките за родителско и татковско отсуство.

Студијата уште еднаш потврдува дека се неопходни итни промени во националното законодавство и законите треба подобро да го препознаат споделеното родителско отсуство што ќе им гарантира и на жените и на мажите право на родителско отсуство заради грижа околу децата во раните месеци, а се акцентира и неопходноста од воведување на родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата.

Истражувањето нагласува дека државните и приватните политики треба да се насочат кон создавање работни средини кои промовираат и поддржуваат иницијативи за рамнотежа помеѓу работата и животот, како што се воспоставување установи за згрижување деца (градинки) во рамки на работните простории, флексибилни работни аранжмани, двојно родителско отсуство, безбеден, достапен јавен превоз, пристап до центри за одмор, рекреација и спорт итн.

Ваквите политики можат значително да го подобрат квалитетот на животот на луѓето, но и нивниот придонес кон општеството и работата, се заклучува во студијата.

Целосното истражување е достапно на следниот линк: МАЖИТЕ И ГРИЖАТА (МИГ): ГРИЖЛИВ МАСКУЛИНИТЕТ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – НАЦИОНАЛЕН ИЗВЕШТАЈ


[1] Пресметки врз основа на податоци од Државен завод за статистика.

[2] Спроведено за УНИЦЕФ, во текот на летото 2020. Целосниот извештај не е јавно достапен,  информацијата вклучена овде е споделена по добиена согласност.

[3] Пресметките се правени според методологијата на Revollo E., P. (2020). Time to Care: Unpaid and underpaid care work and the global inequality crisis. Methodology note. DOI: 10.21201/2020.5419. Извор на податоци за време поминато во неплатена работа: L. Addati, U. Cattaneo, V. Esquivel and I. Valarino (2018). Care Work and Care Jobs for the Future of Decent Work. Извор на податоци за минимална плата, бруто износ: ILOSTAT (Last data update: 21/04/2020). Statutory nominal gross monthly minimum wage (local currency) — Annual. Извор на податоци за проценка на население: United Nations, Department of Economic and Social Affairs, Population Division (2019). World Population Prospects 2019, Online Edition. Rev. 1.