Нов проект: Јавни простори во Скопје

Нов проект под програмата за Урбан развој наречен “Јавните простори во Скопје:. Трансформација, урбанизација и злоупотреба”. Главната цел на проектот е вклучување на јавноста во поширока дебата за процесите на урбанистичко планирање во Скопје, преку веб платформа која ќе содржи релевантни податоци од оваа област.

На 21 декември Реактор започна нов проект под програмата за Урбан развој наречен “Јавните простори во Скопје:. Трансформација, урбанизација и злоупотреба” Главната цел на проектот е вклучување на јавноста во поширока дебата за процесите на урбанистичко планирање во Скопје, преку веб платформа која ќе содржи релевантни податоци од оваа област. Платформата е наменета за политичките актери, експертите, активистите, како и за пошироката јавност, со намера да го олесни граѓанскиот надзор врз локалната самоуправа во Скопје. Проектот е инспириран од слабата побарувачка на граѓаните за јавна одговорност и транспарентност од една страна, и неподготвеноста на јавните органи да овозможи или во најмала рака да ја препознае потребата за консултација со граѓаните.

Преку собирање официјални податоци и нивна проверка на терен, како и преку обезбедување нови и употребливи податоци за урбаниот развој на градот, овој проект ќе се фокусира на:

– Нелегалната узурпација на јавни површини кои се толерира од страна на властите, нелегалното градење и негова легализација преку повластено даночење (приближно 200,000-300,000 згради се нелегални);

– Правни пропусти кои овозможуваат драстични промени на цели маала (манипулација на висина на објектите);

– Разликите помеѓу одобрени ДУП и вистинската изведба на објектите (недостаток и / или злоупотреба на инспекциите);

– Намалувањето на зелените површини во градот преку постојани промени на деталните урбанистички планови;

– Недостатокот на инвестиции во инфраструктурата кои ќе го рефлектираат масовно зголемување на згради и луѓе (од улици и канализација до градинки и детски игралишта);

– Градење на ново без реновирање на старото (на пример, изградба на новиот театар додека постојните три се во многу лоша состојба);

Проектот е заеднички поддржан од OSI Think Tank Fund и Information Program и ќе се спроведува во текот на следните 12 месеци, во соработка со студиото Архитектри.