Отворена позиција: Координатор/ка на проекти (истражувач/ка)

Реактор – Истражување во акција објавува повик за ангажирање координатор/ка на истражувачки проекти во програмата за родова еднаквост.

Позицијата предвидува полно работно време (40 часа неделно) со ретки попладневни и викенд ангажмани при организација на настани, како и нефреквентни патувања во земјата и во странство. Поради тековната пандемија, тимот на Реактор комбинира работа во канцеларија со работа од дома, со флексибилно работно време и план за враќање во канцеларија штом постојат побезбедни услови за тоа.  

Позицијата овозможува можности за личен развој и надградба, динамична работна средина и колективен одмор за новогодишните празници (покрај законски предвидените денови за одмор).

Oпис на позицијата

  • Планирање и спроведување на проекти во полето на родова еднаквост;
  • Редовно следење и запознаеност со развојот на јавните политики во државата во  тематската област (родова еднаквост) и известување на раководниот тим за потенцијални можности за интервенции;
  • Анализирање на регулатива и стратешки документи и подготвување сумарни аналитички извештаи;
  • Управување со буџет и ресурси на проекти и/или делови од проекти кои се во нејзина/негова надлежност;
  • Подготвување финални извештаи за проекти кои се во нејзина/негова надлежност;
  • Учествување во дизајн и подготовка на истражувачки проекти;
  • Воспоставување и одржување односи на соработка со релевантни национални и меѓународни чинители;
  • Подготвување насоки за визуелизација на клучни наоди, податоци и препораки;
  • Во соработка со комуникацискиот тим, организирање на конференции, работилници и други настани;
  • Претставување на организацијата на различни настани;
  • Работа со истражувачкиот тим на истражувачки методологии, собирање на податоци и примена на истражувачки методи (квалитативни и квантитативни) и други техники за анализа на податоци;
  • Во соработка со истражувачкиот и раководниот тим, собирање и анализа на податоци, застапување базирано на податоци и изготвување анализи на јавни политики и препораки за нивно подобрување;
  • Извршување други слични задачи во согласност со потребите на организацијата.

Квалификации

Образование и работно искуство

  • Најмалку 3 годишно работно искуство, по можност во невладиниот сектор и на тема родова еднаквост/женски права;
  • Завршени додипломски студии во релевантна област, пост-дипломски ќе се сметаат за предност.
  • Работно искуство, формално или неформално образование за истражувачки методи  истражувања од областа на јавните политики ќе се смета за предност.
  • Работно искуство кое вклучува спроведување на проекти, а особено истражувачки проекти од областа на родовата еднаквост и проекти поврзани со процесите на ЕУ интеграции ќе се смета за предност.

Знаење и други вештини

  • Високо развиени аналитички вештини;
  • Одлично познавање на македонски и англиски јазик, познавање на албански јазик ќе се смета за предност;
  • Запознаеност со националните механизми за родова еднаквост;
  • Запознаеност со политичкиот контекст во државата, особено во областите на делување на организацијата;
  • Одлични меѓучовечки и комуникациски вештини;
  • Способност за сумирање и претставување на комплексни истражувачки наоди во лесно разбирливи текстови и пораки;
  • Проактивност и висока исполнителност со минимален надзор;
  • Способност за истовремено работење на повеќе проекти во динамична работна средина;
  • Докажани способности за планирање и организација, и имплементација на активности од нивно поставување до финално известување;
  • Способност за тимска работа во средина во која се почитуваат и промовираат различностите.
  • Напредно познавање на MS Office: Word, Excel, PowerPoint
  • Искуство со софтвери за собирање и обработка на податоци ќе се смета за предност

Висина на паричен надоместок

За оваа работна позиција е предвиден месечен надоместок врз база на договор на определено време, со последователна можност за склучување на договор и на неопределно време, во висина од 30.000 до 40.000 денари, нето. Конечниот надоместок ќе биде утврден врз основа на квалификациите и релевантните искуства.

Како да се пријавите

Вашата пријава, подготвена како единствен документ во PDF формат, треба да содржи: 

  • Воведно писмо на македонски јазик за Вашиот интерес и квалификации за позицијата, во кое би сакале да прочитаме зошто сакате да работите во Реактор и како Вашето досегашно работно искуство е релевантно за потребните знаења, вештини и работни задачи предвидени за оваа позиција – задолжително
  • CV на англиски јазик (со контакти за препораки) – задолжително
  • Доколку имате, релевантни примери или извадоци од Ваш пишан труд (на англиски и/или на македонски јазик, не повеќе од десет страни), можете да ги посочите со соодветни линкови или да ги приложите заедно со пријавата.

Ве молиме сите документи да ги пратите во посочениот формат. Пријави добиени во било кој друг формат нема да бидат земени предвид.

Вака подготвената пријава пратете ја по електронска пошта на info@reactor.org.mk со наслов:
КООРДИНАТОР/КА НА ПРОЕКТИ (ИСТРАЖУВАЧ/КА).

Рокот за пријавување е  24 јануари 2022 година.

На сите што ќе се пријават им благодариме за интересот, но за жал не сме во можност да одговориме на секоја пријава, ниту пак да одговараме на телефонски барања/прашања. Само оние што ќе бидат избрани на кратка листа за интервју за позицијата ќе бидат контактирани, и тоа за најмногу 15 дена по одминување на рокот за пријавување.