Отворена позиција: Менаџер/ка на проект

Реактор – Истражување објавува повик за ангажирање менаџер/ка на проект во проектот Унапредување на родовата еднаквост преку процесот на пристапување во ЕУ.

Позицијата предвидува редовно работно време со ретки попладневни и викенд ангажмани при организација на настани, како и нефреквентни патувања низ Македонија и во странство. Поради тековната пандемија, тимот на Реактор во моментов работи од дома, со план да се вратиме во канцеларија штом постојат услови за тоа.  

Позицијата овозможува можности за личен развој и надградба, динамична работна средина и колективен одмор за новогодишните празници (покрај законски предвидените денови за одмор).

Oпис на позицијата

  • Целосно и навремено управување и имплементација на проектните активности и постигнување на предвидените цели на проектот поврзани со доделувањето на грантови (суб-грантирање);
  • Координација и мониторирање на процесот на суб-грантирање во рамки на проектот;
  • Координација на административни и оперативни активности со партнерските организации во согласност со дефинираните проектни цели и стратегии;
  • Управување со буџет и ресурси на проектот, и подготвување финални извештаи;
  • Редовно следење и запознаеност со развојот на јавните политики во државата во тематската област (родова еднаквост);
  • Во соработка со комуникацискиот тим, организирање на конференции, работилници и други настани;
  • Претставување на организацијата на различни настани;
  • Извршување други слични задачи во согласност со потребите на организацијата.

Квалификации

  • Најмалку 5 годишно релевантно работно искуство во проектен менаџмент, по можност во невладиниот сектор и на тема родова еднаквост/женски права;
  • Завршени додипломски студии во релевантна област, пост-дипломски ќе се сметаат за предност.
  • Работно искуство кое вклучува суб-грантирање, а особено на проекти од областа на родовата еднаквост, ќе се смета за предност
  • Докажано искуство во спроведување на проекти финансирани од Европската Унија, вклучително и искуство со спроведување на проектни активности, мониторинг, евалуација и спроведување на грантови шеми;
  • Знаење за женските граѓански организации и организациите кои работат на родова еднаквост во државата (познавањето на регионалните актер(к)и и претходни искуства во оваа област ќе се сметаат за предност);
  • Знаење и експертиза во областа на ЕУ интеграција, вклучително конкретно разбирање на институциите на ЕУ и нивните улоги и одговорности. (претходно искуство со застапување на национално и ЕУ ниво ќе се смета за предност);
  • Истражувачко искуство (подготовка на методологии, пишување на трудови и извештаи, спроведување на истражувања и сл.) ќе се смета за предност;
  • Развиени вештини за соработка и способност за работа во меѓународно опкружување
  • Одлично познавање на македонски и англиски јазик (говорен и пишан), познавање на албански јазик или друг јазик на малцинствата ќе се смета за предност;
  • Високо развиени аналитички вештини;
  • Одлични меѓучовечки и комуникациски вештини;
  • Проактивност и висока исполнителност со минимален надзор;
  • Способност за истовремено работење на повеќе проекти во динамична работна средина;
  • Докажани способности за извршување на работни задачи и изготвување излезни елементи  во краток временски рок;
  • Докажани способности за планирање и организација, и имплементација на активности од зачеток до финално известување;
  • Напредно познавање на MS Office: Word, Excel, PowerPoint
  • Искуство со софтвери за собирање и обработка на податоци ќе се смета за предност
  • Способност за тимска работа во средина во која се почитуваат и промовираат различностите.

Висина на паричен надоместок

За оваа работна позиција е предвиден месечен надоместок врз база на договор на определено време во висина од 35.000 до 45.000 денари, нето. Конечниот надоместок ќе биде утврден врз основа на квалификациите и релевантните искуства.

Како да се пријавите

Вашата пријава, подготвена како единствен документ во PDF формат, треба да содржи: 

  • Воведно писмо на македонски јазик за Вашиот интерес и квалификации за позицијата, во кое би сакале да прочитаме зошто сакате да работите во Реактор и како Вашето досегашно работно искуство е релевантно за потребните знаења, вештини и работни задачи предвидени за оваа позиција
  • CV на англиски јазик (со контакти за препораки)

Ве молиме сите документи да ги пратите во посочениот формат. Пријави добиени во било кој друг формат нема да бидат земени предвид.

Вака подготвената пријава пратете ја по електронска пошта на info@reactor.org.mk со наслов EU Grant Manager.

Рокот за пријавување е 22 февруари 2021-ва година.

На сите што ќе се пријават им благодариме за интересот, но за жал не сме во можност да одговориме на секоја пријава, ниту пак да одговараме на телефонски барања/прашања. Само оние што ќе бидат избрани за интервју за позицијата ќе бидат контактирани, и тоа за најмногу 15 дена по одминување на рокот за пријавување.

За проектот

Проектот Унапредување на родовата еднаквост преку процесот на пристапување во ЕУ е спроведуван од страна на Реактор, во соработка со Центарот за женски права (Црна Гора), Фондацијата Жена за жена (канцеларија во Северна Македонија), Здружението права за сите (Босна и Херцеговина), Мрежа на жени на Косово (Косово) и Албанска мрежа за зајакнување на жените (Албанија).

Овој проект се фокусира на зајакнување на регионалната соработка на женските граѓански организации, истражување и родови анализи за информирање на политики, застапување засновано на докази и мониторинг на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ, насочени кон унапредување на родовата еднаквост во регионот на Западен Балан во процесот на пристапување во ЕУ.

Главната цел на овој четиригодишен проект е зајакнување и проширување на постојната регионална соработка, зајакнување на партиципативните демократии и остварување на инклузивен родово-сензитивен процес за пристапување кон ЕУ.

Во рамките на проектот е предвидено доделување на грантови (субгрантирање) и јакнење на капацитетите на женските граѓански организации за интеграција на родовата перспектива во процесот на пристапување во Европската Унија.

Проектот е финансиран од Европската Унија.