Позитивна одлука на СЕММ – Ставање на податоците во контекст е исклучително важно за да се презентираат реалните состојби со родовата еднаквост

Ја поздравуваме позитивната одлука, која на 8 април, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), ја донесе во однос на нашата жалба за текстот „Жените се задоволни со плата од 16.000 до 20.000 денари“, објавен на веб-страницата на дневниот весник „Вечер“, на 6 март оваа година.

Со одлуката, СЕММ утврди дека е прекршен Кодексот на новинарите во членот 13, според кој новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Поднесената жалба ги акцентираше мешањето на факти и мислење, вест и коментар, како и пристрасната и погрешна интерпретација на достапни податоци, што придонесуваат кон креирање на необјективна слика за родовите нееднаквости во Република Северна Македонија.

Имено, и покрај тоа што во наведениот новинарски текст се користени факти и податоци од истражувањето на Државниот завод за статистика (ДЗС), објавено по повод 8 март под наслов: „Жената низ бројки“, без очигледна намера да се дискриминираат или омаловажат жените, сепак, со начинот на кој се презентирани и интерпретирани овие податоци, текстот прави стереотипизација и дополнително ги рационализира родовите нееднаквости. За жал, текстот не успева да направи подлабока анализа зошто одредена категорија на жени се принудени да прифатат да работат за пониска плата и уште во насловот ги поистоветува термините „би прифатиле“ и „задоволни“ наметнувајќи го заклучокот дека жените кои работат во прекарни услови се задоволни со обесправената позиција во која се наоѓаат.

Ставањето на податоците во контекст е исклучително важно со цел да се презентираат реалните состојби со родовата еднаквост во нашата држава. Земајќи ја предвид значајната улога на медиумите во информирање на јавноста и разбивање на стереотипите, потсетуваме дека консултациите со организации и поединци кои имаат познавања и експертиза се клучни со цел да се спречат вакви ситуации во иднина, и за таа цел им стоиме на располагање на медиумите за поддршка и информации кога се известува на теми за родова еднаквост.