ПОМЕЃУ ЗАКОНОТ И ПРАКСАТА: ИНСТИТУЦИОНАЛНИОТ ОДГОВОР НА СЕКСУАЛНОТО И РОДОВО-БАЗИРАНОТО НАСИЛСТВО ОСТАНУВА НЕКОНЗИСТЕНТЕН

И покрај законскиот напредок во областа на спречувањето и заштитата од сексуално и родово-базирано насилство, примената на законите во пракса останува нерамномерна и недоволно ефикасна. Ова го покажуваат наодите од следењето и анализата на институционалниот одговор на сексуалното и родово-базираното насилство во Северна Македонија, изработена од Реактор – Истражување во акција, кои на 23 септември, 2026 година, беа презентирани на панел дискусијата насловена „Искуства, добри практики и научени лекции во борбата против сексуалното и родово базираното насилство“.

„Сексуалното насилство во Северна Македонија е една од најскриените, најнедокументираните и најтешко пријавуваните форми на насилство. Иако е регулирано со закон, реалноста е дека жртвите ретко добиваат заштита, а институциите често немаат доволно капацитети, јасни процедури или координација за да постапат навремено и ефикасно.“ – рече Елена Димушевска од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во своето обраќање на отворањето на настанот. Таа нагласи дека проектот „Се грижиме“ е развиен како системска интервенција за да се зајакнат локалните организации, да се создаде база на документирани случаи, да се поттикне стратешкото застапување и да се подобрат институционалните капацитети и одговор.

Анализата насловена „Помеѓу законот и праксата: Следење и анализа на институционалниот одговор на сексуалното и родово-базираното насилство во Република Северна Македонија“ која опфати 80 документирани случаи и 111 жртви на насилство, укажува на значителен јаз меѓу нормативната рамка и нејзината практична примена, особено во однос на институционалната координација, следењето на мерките за заштита, собирањето податоци и достапноста на специјализирани услуги за жртвите.

„Родово-базираното и сексуалното насилството не е приватно прашање туку јавен, документиран, мерлив проблем, и токму затоа мора да се третира со докази, не со претпоставки. Секоја трета жена во светот доживува некаков вид насилство во текот на својот живот, а сепак остануваме во ситуација каде најголемиот дел од тоа насилство никогаш не стигнува до институциите. Кога бројките зборуваат јасно, за тоа колку случаи остануваат непријавени, колку заштитни мерки остануваат непочитувани, колку системи остануваат нехармонизирани, или пак укажуваат на тоа дека е невозможно овие прашања воопшто да се разјаснат поради недостиг на системско и навремено собирање и документирање на разделени податоци,  тогаш дискусијата не носи кон одговорност на сите чинители во процесот, вклучително и на сите нас како дел од ова општество.“ рече Тања Иванова од Реактор – Истражување во акција која ја презентираше анализата.

Меѓу клучните системски проблеми идентификувани во рамки на истражувањето се издвојуваат недоследната примена на законската рамка во пракса, неусогласеното собирање податоци и недоволно ефикасното следење на мерките за заштита. Иако ратификацијата на Истанбулската конвенција и измените на Кривичниот законик претставуваат значаен формален напредок, законските решенија сè уште не се применуваат доследно на терен, што го ограничува нивниот ефект врз заштитата на жртвите и спречувањето на насилството. Дополнително, отсуството на унифициран систем и стандарди за собирање и анализа на податоци го отежнува следењето на состојбите, додека недоволно ефикасното следење на мерките за заштита го ограничува навременото постапување при нивно прекршување.

Наодите на извештајот повторно го потврдуваат веќе добро документираниот образец, и на глобално, и на национално ниво, дека насилството најчесто доаѓа од лице блиско до жртвата – во рамки на мониторираните случаи, 37,8% од сторителите биле брачни партнери; 32,4% биле членови на семејството; 11,7% биле поранешни или вонбрачни партнери; а 9,9% биле непознати лица. Фактот дека 38% од жртвите никогаш не го пријавиле насилството дополнително укажува на потребата од достапни, безбедни и доверливи механизми за пријавување и поддршка, како и од институционален одговор што ќе ги охрабри жртвите да побараат помош.

„Постоечката законска рамка е важен предуслов, но сама по себе не е доволна. За жртвите да добијат реална заштита, законските обврски мора да се преточат во доследни институционални практики, функционални механизми за следење и достапни специјализирани услуги“, е заклучокот што произлегува од анализата.

Препораките се насочени кон зајакнување на институционалниот одговор на сексуалното и родово-базираното насилство, преку унапредување на законската рамка за новите форми на дигитално насилство, итно усвојување нов Акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција и воспоставување поефикасни механизми за следење на мерките за заштита. Дополнително, потребни се ревизија и унапредување на процедурите за поддршка на жртвите, усогласување на системите за собирање и анализа на податоци и обезбедување одржливо финансирање и достапност на специјализирани услуги, вклучително и во руралните средини.

Во дискусијата учествуваа претставници од граѓански организации, Министерство за здравство, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за правда, Јавно обвинителство, и Светска здравствена организација, кои преку структурирана дискусија ги адресираа состојбите и дискутираа за потенцијални решенија во насока на унапредување на состојбите. Заедничкиот заклучок кој произлезе од оваа дискусија е дека само со заеднички напори на сите чинители можеме да постигнеме унапредување на состојбата по ова прашање.

Активноста е спроведена во рамки на проектот „СЕ ГРИЖИМЕ: Заедно се бориме против сексуалното и родовото насилство“, финансиран од Европската Унија.

Оваа активност е финансирана од Европската Унија. Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и партнерите, и на никој начин не може да се смета дека ги претставува ставовите и гледиштата на Европската Унија.