Презентирана нова студија на Реактор на тема Мажите и грижата: Неопходно е препознавање на вредноста на неплатената грижа, соодветни формални решенија, и поголемо вклучување на мажите во активностите за грижа

Денес, 4 ноември, 2021 година (четврток), се одржа панел дискусија на тема Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија, организирана од Реактор – Истражување во акција.

На панелот, се дискутираше за важноста од вклучување на мажите во грижата и родовата еднаквост, европските практики и резултати на оваа тема, напорите кон воведување на политики за унапредување на вклученоста на мажите во грижата и споделено родителско отсуство, како и важноста од родово сензитивно образование и рушење на родовите стереотипи.

Панелистите ја нагласија потребата од препознавање на вредноста на неплатената грижа и потребата од изнаоѓање соодветни формални решенија за неформалната економија на грижа.

Ели Скамбор, директорка на Институт за мажи и родови прашања од Грац, Австрија, во своето обраќање нагласи дека мажите треба да можат да се грижат за децата, партнерите, болните и постарите лица, но и за себеси. „Рамнотежа помеѓу приватниот и работниот живот мора да се постигне со вклучување на мажите во активностите за грижа, со што ќе се унапреди родовата еднаквост и дистрибуцијата на неплатената и платената работа. Мажите имаат бенефит од вклучување во активностите поврзани со грижа, позадоволни се од партнерството, имаат подобра врска со своите деца, а децата учат што значи родова еднаквост во пракса.“ додаде таа.

„Во просек, жените во Република Северна Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, додека придонесот на мажите е околу една четвртина од вкупниот обем на работа. За жал, сѐ уште не е препознaена вредноста на неплатениот труд на грижа, но доколку оваа работа од страна на жените во Република Северна Македонија се вреднува дури и со минимална плата, во текот на една година, минималната монетарна вредност би била 1,917,895,508 €, што е 17,18% од бруто домашниот производ (БДП) на Република Северна Македонија за 2019 година“. – велат од Реактор, во презентацијата на нивната најнова студија, насловена Мажите и грижата (МиГ): Грижлив маскулинитет во Северна Македонија, која се фокусира на состојбите со неплатената работа и грижа и меѓу другото ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, фокусирајќи се на мажите и грижата, како и на политиките за родителско и татковско отсуство.

Според Реактор, неопходно е унапредување на политиките за грижа, што подразбира измени во националното законодавство и родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата.

„Новиот Закон за работните односи треба да вклучува мајчинско, татковско и споделено родителско отсуство, можност за отсуство за грижа и право на флексибилен работен ангажман. Понатаму, јавните и приватните политики треба да промовираат создавање работни средини кои поддржуваат рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. Дополнително, образовните политики треба да промовираат родова еднаквост.“ – заклучуваат од Реактор.

На панелот дискутираа и Светлана Цветковска, раководителка на Сектор за еднакви можности, Министерство за труд и социјална политика,  која ги презентираше активностите на Министерството за унапредување на родовата еднаквост, како што се предвидените реформи во Законот за еднакви можности на жените и мажите и Законот за работните односи и напорите кон воведување на политики за споделено родителско отсуство; Марк Гартнер, постар истражувач, Институт за мажи и родови прашања (Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark) од Австрија, кој зборуваше за европскиот проект Мажите и грижата, резултатите од истиот и европските практики; и Бојан Јовановски, извршен директор, ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување, кој ја нагласи важноста на родово сензитивното образование во рушење на родовите стереотипи и унапредување на родовата еднаквост.

Овој настан е во рамки на проектот Грижливи маскулинитети во Северна Македонија, поддржан од Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark (Грац, Австрија) со финансиска поддршка од Австриското федерално министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.