Проект на УСАИД за граѓанско општество

На 27 февруари, 2012 година Фондацијата Отворено општество – Македонија го потпиша договорот со УСАИД за спроведување на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

Проектот ќе се реализира во период од 30 месеци во партнерство со четири граѓански организации: Младински обвразовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција. Проектот е финансиран од УСАИД со 2,540,000 УСД и ко-финансиран од ФООМ со 278,120 УСД.

Главни цели на проектот се: 1) Заживување на граѓанското учество во политичкиот и општествениот живот; 2) Поддржување на граѓанското општество активно да се залага за демократски реформи и 3) Подобрување на соработката и здружувањето во граѓанскиот сектор со цел зајакнување на граѓанската одговорност.

Проектот го сочинуваат три главни компоненти:

Компонентата А: Граѓански активизам и учество е дизајнирана да ги зајакне граѓаните и младите да ги препознаат начините на кои можат да се ангажираат во своите заедници и да обезбедат различни нови механизми за нивно учество. Проектот ќе генерира одржлив активизам и влијание преку поврзување на обуките за активно граѓанство со учење низ помагање во заедницата, волонтерство, користење нови медиуми, локални акции, грантови за граѓанско учество и активизам.

Компонентата Б: Мониторинг и застапување ќе ги поттикне граѓанските организации да работат на суштински прашања и да влијаат на власта за спроведување демократски реформи. Тоа ќе се постигне преку градење капацитети на граѓанските организации (со работни стипендии и обуки), истражување и мониторинг во одредени подрачја, како што е пристапувањето во ЕУ, доделување грантови за мониторинг и застапување засновано на истражувања, консултации со релевантните фактори и ангажирање во креирањето јавни политики.

Компонентата В: Соработка и мобилизирање ќе промовира поголема мобилизација, соработка и солидарност на граѓанските организации преку поддршка на заеднички развиени акции на партнерства и мрежи, форуми за размена на искуства, дискусии за заедничките проблеми, можни решенија и идни активности. Активностите се структурирани околу три главни аспекти: можности за граѓанско ангажирање, вмрежување и награди за граѓанско ангажирање.

Активностите во проектот ќе придонесат кон постигнување на следниве резултати:
– Зголемен младински активизам и учество;
– Мобилизирани граѓани во општествено застапување за демократски реформи;
– Зголемен онлајн активизам;
– Граѓански организации со подобрени капацитети и експертиза за мониторинг и застапување;
– Граѓански организации кои придонесуваат за транспарентност на институциите и подобри јавни политики во одредени области;
– Зајакнато граѓанско партнерство за решавање заеднички прашања на национално и локално ниво.