Промените за родова еднаквост потекнуваат од сите нас – да направиме промена за родова еднаквост

Иако во последните години се забележува одреден напредок во поглед на родовите прашања, кој меѓу другото, се должи на имплементација на меѓународните стандарди и домашната легислатива, институционално програмирање и развој, и соработка со граѓанските организации кои работат во областа, сепак, предизвиците во поглед на родовата еднаквост се многубројни. Родово-базирана дискриминација на работното место, пристап до социјална инфраструктура за грижа за деца и лица на кои им е потребна грижа, стереотипни содржини во воспитно-образовните материјали, отежнат пристап до здравствени услуги наменети за жени, родово-базирано насилство, се области во кои сѐ уште се неопходни значајни подобрувања со цел да се надминат овие предизвици.

За илустрација, во Република Северна Македонија, повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се ниту вработени, ниту регистрирани во Агенцијата за вработување; 62% од нив не барат работа поради тоа што се грижат за семејството. Жените извршуваат 72% од неплатената работа поврзана со грижа за домот, децата, возрасните лица и лицата на кои им е потребна поддршка. Дополнително, повеќе од половина од времето што жените го посветуваат на работа е неплатено, а и нивната платена работа е помалку вреднувана. Жените со високо образование заработуваат 22% помалку од мажите со високо образование. Иако во просек жените се пообразовани од мажите, мажите се мнозинство од работодавците (78%) и самовработените (82%), додека повеќе од половина од неплатените семејни работници се жени (68%)[1].

Кризата со Ковид-19 дополнително ги продлабочи веќе постоечките родови јазови, што наметнува потреба од неизоставно вклучување на родовиот пристап при креирање на мерките за справување со кризата.

Податоците покажуваат дека сѐ уште сме далеку од родова еднаквост и затоа неопходни се системски промени кои водат кон унапредување на статусот на жените во општеството, а со тоа и на родовата еднаквост во државата. Демократски општества се оние кои ги земаат предвид потребите на сите граѓанки и граѓани во креирањето, носењето и спроведувањето на политиките, овозможувајќи еднаков пристап и можности за сите.

Со цел да ја покренеме видливоста на женските права, во рамки на проектот насловен „Застапување на правата на жените на ниво на ЕУ“, финансиски поддржан од Фондацијата Квина тил Квина, на 28 јануари, доставивме симболичен пакет на материјали со пораки за родова еднаквост до пратеничките и пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Се надеваме дека овој пакет на материјали кој содржи и „Родов информатор за политичар(к)и“, краток водич кој дава појасна и концизна слика за можностите и пречките за активно учество на жените во политичкиот живот, и начинот на кој може да се вклучи родовата перспектива на сите нивоа од процесот на програмирање и носење политики, ќе претставува корисен извор на информации и поттик за целосно вклучување на родовата перспектива во работата на пратениците и пратеничките.


[1] Податоците и пресметките се добиени врз основа на податоци од: Државен завод за статистика и студијата: The Unpaid Care Work and the Labour Market. An analysis of time use data based on the latest World на acques Charmes. 2019.