Промовирана нова веб страна www.republikamladi.mk

Денес, иницијативата Република Млади го отпочна процесот за создавање демократски, репрезентативен и инклузивен модел на национално младинско организирање преку отворање на својата нова веб страна republikamladi.mk. Веб страната ќе служи како прв македонски ресурсен центар за младински политики, дебатен форум фокусиран на прашања кои ги засегаат младите и портал за објавување вести за формирањето Национална младинска чадор организација, која ќе работи на зајакнување на младинското учество во граѓанската сфера во Македонија.

Потребата за формирање Национална младинска чадор организација произлегува од ниската вклученост на младината од Македонија во граѓанските и политичките процеси кои директно ги засегаат. Според истражувањето за социјалниот капитал кај средношколците од 2011 година, огромни 68% од македонските средношколци сметаат дека ништо, односно малку можат да придонесат за решавање на проблемите со кои се соочува нивниот град, додена 62% никогаш не биле ангажирани во решавањето на ваквите проблеми.

Процесот на формирање Национална младинска чадор организација е поддржан од Европскиот младински форум и 59-те младински и граѓански организации кои се дел од иницијативата Република Млади. Процесот ќе продолжи со организирање на Networking Days Macedonia, настан кој во голем дел од земјите во Европа го обележал стартот на формирање младинско претставничко тело. Настанот ќе се случи на 25-28 октомври годинава.