Промовирана сеопфатната студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија – Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките

На 12 ноември (петок) 2021, со почеток во 13 часот, во Europe House, Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“ ги  презентираа наодите од сеопфатната студија за пристапот до менструална хигиена во  Република Северна Македонија – Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките.

Студијата содржи три нивоа на истражувања кои ги отвораат прашањата за менструална правда преку анализа на искуствата, практиките и социјалните перцепции на жените, девојките и другите лица кои менструираат, како и преку пресметки за трошоците за менструалното здравје и добри практики од регионот и пошироко. Целта е да се продлабочи дискусијата за менструалната хигиена и репродуктивното здравје, да се развие инклузивен јавен дискурс на тема менструална правда во Република Северна Македонија, и да се понудат мерки и препораки за подобрување на состојбата.

Истражувањето е направено во рамки на проектот „Крај за менструална сиромаштија – Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во Република Северна Македонија“, кој го спроведуваат Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ во партнерство со „Реактор – истражување во акција“, со поддршка од Цивика мобилитас во рамки на програмата за акциски грантови и од ФРИДА – фондот за млади феминистки.

На овој линк преземете ја студијата на македонски јазик.