Промовирано новото мерење на Индекс на родова еднаквост на општините

Вчера, 26 октомври 2023 година, во рамки на Панел дискусија: Политичка и општествена еднаквост на жените на локално ниво во организација на Реактор – Истражување во акција беше промовирано новото мерење на Индекс на родова еднаквост на општините.

Индексот на родова еднаквост на општините овозможува целокупен преглед на состојбите во сите општини во Република С. Македонија, во поглед на родовите јазови (вработеност, плати и сл.), достапност на јавни услуги (јавни градинки, матични гинеколози и сл.) и посветеност на општините кон родово одговорни политики (конкретни мерки, стратешки и акциски документи и соодветно буџетирање). Ова е второ мерење во рамки на овој индекс, кој првично беше објавен во 2018 година.

„Индексот за родова еднаквост на општините покажува дека мнозинството од општините не потрошиле средства за реализирање на мерки за родова еднаквост од својот Буџет за референтната година, а повеќе од половина немаат стратешки документи за планирање на родово одговорни политики.“ – рече Васка Лешоска, истражувачка во Реактор, во презентацијата на Индексот.

„Во поглед на родовите јазови, еднаквост има само во однос на образованието, па така бројот на високо образовани жени и мажи во просечната општина е приближно еднаков. Сепак ова не е рефелектирано во еднакви можности на пазарот на платен труд и сѐ уште имаме родови јазови во поглед на вработеност, плати, пензии и конечно во политичко учество каде јазот е најголем. Индексот исто така покажа интересни поврзаности, па така во општините каде има барем една државна градинка, еднаквоста во вработеноста меѓу жените и мажите е поголема и дека со зголемување на процентот на згрижени деца во градинка се зголемува и стапката на вработени жени во општината.“ – додаде таа.

Целосните наоди од Индексот на родова еднаквост на општините се достапни на следниот линк www.rodovindeks.mk