Работилница за безбедност во јавните простори во Битола

На 6 ноември одржавме работилница за безбедност во јавните простори со девојки од средното училиште „Јосип Броз Тито” во Битола.

Иако навидум мал и безбеден град во кој луѓето се познаваат едни со други, низ разговор и интерактивна вежба, девојките ги означија со црвено точките низ градот што ги избегнуваат. Зошто? Недоволно осветлување во парковите, инфраструктурна запуштеност, училиштата како собиралишта на возрасни мажи кои користат алкохолни и други супстанци, висока концентрираност на кладилници, градилишта и места кои ги бие лош глас или имаат историја на насилни, сексуални инциденти.

Ги прашавме како може да се трансформираат овие точки за градот да го почувствуваат како свој? Покрај повеќе улично светло, паркови и полициска контрола на места за кои се знае дека се опасни (наместо бркање на малолетници кои излегле да се дружат), побараа поголема едукација за родовата димензија на инцидентите во јавниот простор особено за нивните соученици – момчиња, а добивме и предлози како: повеќе бои и разубавување на просторот или воведување на (ноќен) јавен превоз само за жени.

Претпазливоста и стравот со кој девојките се (растени да се) движат низ градот не смее да се нормализира бидејќи јавните простори ни припаѓаат подеднакво на секој/а од нас. Учесничките исто така дознаа за нашата платформа „Реагирај – биди безбедна!” каде можат дигитално да ги обележат небезбедните точки во градот и посведочените напади со цел документација и наше застапување пред институциите.