Родова еднаквост и различност во Берлинскиот процес: од заложби до структурни промени (2024–2025)

Минатата година, на десет годишнината Самитот на Берлинскиот процес во 2024 за првпат беше одржан Форумот за родова еднаквост како дел од официјалната програма во рамки на агендата за регионална соработка на Западен Балкан, а беше воспоставена и првата работна група за род и различност во рамки на Форумот за граѓански и тинк-тенк организации (CSF)

Овие новини се важен показател дека родовата еднаквост и инклузијата не се споредни теми, туку клучни столбови на демократската отпорност, општествената кохезија и одржливиот развој во регионот. Напредокот е резултат на повеќегодишното застапување и доследна заложба на Реактор и партнерските организации од EQUAPRO проектот и регионалната мрежа на Kvinna til Kvinna, во рамки на кои континуирано ги отвораме прашањата на родот и инклузијата во регионалните формати, градејќи основа за структурни промени во Берлинскиот процес.

Претседателката на „Реактор – истражување во акција“, Тања Иванова, годинава ја имаше честа да ја води работната група за род и различност и да ги сподели своите согледби во специјално поглавје од извештајот Завршни опсервации: Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организациите 2024–2025, којшто ги анализира предизвиците и можностите со кои се соочува Западен Балкан и разгледува како Берлинскиот процес може да поттикне напредок. 

Во истоименото поглавје „Род и различност“, Иванова известува дека на работните средби било утврдено дека за долгорочен напредок потребно е да се зајакне структурата на работната група и да се вложи во нејзино институционализирање, имплементација на предложените мерки и активности и отчетност во следењето на и известувањето за работата. Притоа, претстојниот Граѓански форум и Самитот на лидерите на Берлинскиот процес нудат критични можности за зацврстување на постигнатото и за адресирање на преостанатите предизвици.

Приоритети на CSF за 2025

Работната група ги идентификува следниве приоритети за CSF 2025:

  • Да се институционализира работната група за род и различност и Форумот за родова еднаквост како трајни платформи за стратешки дијалог и да се обезбеди нивна финансиска стабилност;
  • Родовите и инклузивните перспективи да бидат вградени во сите тематски работни групи, а не да фигурираат само како засебна група;
  • Да се вложи во механизми на мониторирање на учеството на жените во водечките процеси, не само квантитативно, туку квалитативно и да се поддржи женското лидерство преку политички менторства и реформи во изборните и управувачките системи;
  • Да се воведат родово-сензитивни политики во различните сектори. Граѓанското општество може да понуди алатки за развивање на родово-одговорни програми и буџетирање, како и обуки за јавните чинители. Дополнително, да се поддржи инклузивното прибирање на податоци за следење на интерсекциски нееднаквости според етничка припадност, попреченост, возраст и социо-економски статус;
  • Справувањето со родово базираното насилство да продолжи да биде клучен регионален приоритет, но и да ги вклучува случаите на онлајн вознемирување, говор на омраза и политичко насилство врз жени и ЛГБТИК+ лица. CSF 2025 треба да ги поддржи и сподели мониторинг механизмите на одредени ГО за следење на новите трендови на РБН и респонзивноста на правниот систем.

Граѓанските организации и феминистичките тинк-тенкови и активист(к)и во регионот веќе играат клучна улога во документирање на социјални нееднаквости, предлагање политики базирани на докази и градење прекугранична солидарност. Оттука, тие мора да бидат системски вклучени во процесите на донесување одлуки, наместо на нив да се гледа како на привремени или симболични актери.

Структурна интеграција во Берлинскиот процес 2025

Паралелно на CSF, и самиот Берлински процес мора да еволуира и да покаже дека родовата еднаквост и инклузивноста се неизоставен дел од успешното демократско владеење во Западен Балкан. Во 2025, од Берлинскиот процес се очекува:

  • Да наложи сите декларации, акциски планови и регионални рамки за соработка да вклучуваат родово освестен и интерсекциски пристап;
  • Да го вклучи Форумот за родова еднаквост и Работната група за род и различност во официјалните процеси на известување и евалуација, со јасни механизми за следење на препораките;
  • Да ја истражи можноста за воведување на посебен регионален фонд за родова еднаквост, сличен на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), којшто би поддржувал долгорочни иницијативи;
  • Да го поддржи економското омоќување со стратешки мерки за намалување на родови јазови и поделби во пристапот до работа, претприемништвото и дигиталниот пристап. На пример, да се размисли за основање на Фонд за родови иновации, финансиран од државите учеснички и развојните банки, којшто би ги поддржал претприемачките ориентирани кон социјална грижа, детска едукација и услуги за стари лица со што би се вложило во инклузивни решенија за намалување на неплатениот негувателски труд и зајакнување на регионалната кохезија.

Покрај економските прашања, Иванова забележува дека Берлинскиот процес мора јасно да одговори на подемот на анти-родовите популистички наративи и да се заложи за заштита на постојните рамки за родова еднаквост, усогласени со меѓународните и ЕУ стандарди. Дополнително, да се разгледа предлогот за воспоставување на регионален механизам за мониторинг или родов обсерваториум, којшто би ги следел трендовите на напредок и уназадување во сите шест земји од регионот.

Најпосле, Берлинскиот процес треба да поттикнува размена на добри практики што ќе ги вклучи институциите, граѓанското општество и родовите експерти од целиот регион, во насока на заедничко учење и зголемување на ефикасноста на политиките.