Се одржа: „Да зборуваме за млади – Што е планот?“

Четириесетина присутни дискутираа и разменија идеи на денешниот настан под мотото: „Да зборуваме за млади – Што е планот?“, во организација на Реактор – истражување во акција.

За време на овој организиран појадок кој се одржа во Јавна соба во Скопје, присутните беа дел од 5 различни дискусии на теми и прашања кои ги засегаат младите, како што се образование, невработеност и социјални политики, граѓанско учество, здравје и релевантни алатки за младинско застапување.

Во рамките на дискусиите, Блажен Малески од Реактор презентираше наоди од истражувањата за состојбите со младите, капацитетите на младинските организации и алатките кои им се на располагање. Зборувајќи пак, на темата невработеност и социјални политики, Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјална политика ја презентираше младинската гаранција и што таа овозможува. Понатаму, околу состојбите со младите и образованието зборуваше Мартина Илиевска од Младински Образовен Форум, а пак во име на Национален младински совет на Македонија, Илија Станковски дискутираше за младинските политики и механизмите за граѓанско учество за младите. За крај, Мери Цветковска од ХЕРА ја нагласи потребата и важноста младите да се информираат и едуцираат за своето здравје.

Воедно, на настанот беше промовиран и новиот ресурсен веб-сајт „Млади низ Бројки“ изработен од тимот на Реактор. Идејата позади оваа алатка е на едно место да се прикажат сите податоци релевантни за младите во Македонија, а преку обезбедување на лесно достапни, интерактивни и визуелизирани податоци, да се поттикне информирана дискусија за положбата на младите во македонското општество, но и да се развие дебата, активности и иницијативи за младинските теми.

На самиот крај, учесниците ги запишаа своите пораки кои сакаат да ги испратат до институциите, како што се подобрување на условите за вработување, пристап до практична работа и практично образование, достапен јавен превоз, воедно посакувајќи целокупни промени кои ќе ги подобрат условите за младите во земјата.