Се одржа панел дискусија „Родово-базирана дискриминација на работното место – искуства и примери за унапредување на родовата еднаквост во Северна Македонија“

На 17 октомври (вторник), 2023 година, во организација на Реактор – Истражување во акција, во просториите на Јавна Соба (Public Room), се одржа панел дискусија на тема: „Родово-базирана дискриминација на работното место – искуства и примери за унапредување на родовата еднаквост во Северна Македонија“.

Настанот отвори дискусија за состојбите со родово-базирана дискриминација на терен, политиките кои треба да ја адресираат и спречат оваа појава, како и практиките кои компаниите ги имплементираат во насока на унапредување на родовата еднаквост на работното место.

Во рамки на двата панели на настанот свое обраќање имаа Игор Јадровски, Комисија за спречување и заштита од дискриминација; Кристина Ампева, Гласен Текстилец; Наташа Петковска, Хелсиншки Комитет за човекови права; Софија Бојковска Дуковска, Адвокатска канцеларија Софија Бојковска; кои во првиот панел зборуваа за родово базираната дискриминација на пазар на труд во поглед на тековните политики, закони, но и состојби од терен и примери од судска пракса.

Во вториот панел се обратија Анета Петровска – Русомароски, ЕВН Македонија; Моника Ризовска, Women in tech; Ирина Јолевска, Реактор – Истражување во акција; и Василка Салевска – Трајкова, Филип Морис интернешнл, кои зборуваа за добрите пракси во компаниите кои може да придонесат за подобрување на позицијата на жените на работното место и унапредување на родовата еднаквост на пазарот на труд.

Овој настан е организиран со финансиска поддршка од Шведска и Фондацијата Квина тил Квина. За содржината целосно е одговорен Реактор – Истражување во акција и во никој случај не ги рефлектира позициите на Шведска и Квина тил Квина.