Се одржа прошетка за оценка на безбедноста во Општина Центар и Општина Чаир

На 30 ноември, со почеток во 16.30 часот, се одржа Прошетка за оценка на безбедноста во Општина Центар и Општина Чаир во организација на Реактор – Истражување во акција и UN Women.

Идејата на овој настан е да се подигне свеста за родово-базирано насилство и да се пренесе пораката за важноста одкреирање механизми за справување со истото.

На оваа прошетка, присуствуваше министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска, која  потенцираше дека е важно локалните самоуправи да размислуваат дека нивната територија треба да биде безбедна, како и дека сите форми на родово базирано насилство треба да ги третираме и треба да работиме на нив.

„Родово-базираното насилство во Македонија е термин којшто тешко ни оди со усвојување и гледање во поширок аспект и точно затоа ваквите прошетки во суштина најголем дел се заради симболика и подигање на јавната свест, но исто така е важно да се придвижиме низ делови коишто се сметаат за помалку безбедни и да забележиме зошто се тие небезбедни и што би требало да се направи за да станат побезбедни и за жените и за мажите, и за децата и за лицата со попреченост.“ – изјави Царовска.

„Моја порака е дека навистина оваа симболика треба да прерасне во директна акција од страна на локалните самоуправи.“ – додаде таа.

На прошетката, исто така, учествуваа и Сенад Смаиловиќ, директор на ЈП Улици и патишта, како и неколку претставници на Општина Чаир, Општина Центар и Град Скопје, претставници на граѓанскиот сектор и јавната администрација. Учесниците имаа можност да ја оценат безбедноста на нивните заедници, но и да генерираат знаење за тоа колку се безбедни јавните простори и патеки кои ги користиме, како и за конкретни опасни места кои може да го менуваат начинот на користење на јавните простори од страна на жените.

„Овие прошетки се добри затоа што можеме на лице место и од прва рака да ги видиме црните точки во сообраќајот“ – рече Смаиловиќ. Во таа насока, тој додаде дека планираат да воведат флуоресцентни пешачки и слични активности во насока за побезбедно Скопје и побезбеден сообраќај.

Прошетките за оценка на безбедноста се користат како алатки за прибирање на информации за јавните перцепции за урбаниот дизајн со цел да се поттикнат позитивни промени за побезбедно општествено и физичко опкружување за жените. На овој начин се евалуира безбедноста на одредена населба според мислењата, искуствата и перцепциите на жените.

Прошетката за оценка на безбедноста е активност во рамки на кампањата за одбележување на 16 дена активизам против родово-базирано насилство и е дел од  поширока студија која го разгледува степенот и различните димензии на насилството врз жените во јавниот простор, фокусирајќи се првенствено на перцепциите на жените за нивната безбедност и влијанието што го има врз нивните животи, како и облиците на насилство кои тие ги доживуваат и на крај, стратегиите кои тие ги имаат развиено за да се справат со насилството.

Од Реактор се надеваме дека оваа пракса ќе биде препознаена како успешен механизам за оценка на безбедноста на јавните простори и дека истата ќе биде реплицирана и во други општини.

*Фотографиите се на Ванчо Џамбаски.