Се одржа форум за граѓанско општество на ЕУ за Западен Балкан и Турција 2022 година

На 8 и 9 јуни, 2022 година, проектот EU TACSO 3 организираше „Форум за граѓанско општество на ЕУ за Западен Балкан и Турција 2022“ кој се одржа во Скопје, Северна Македонија.

На форумот присуствуваа високи претставници од Европската Комисија, делегациите на ЕУ, владите и различни претставници од граѓанските организации, од кои 120 учесници лично и дополнителни 100 онлајн. Земајќи ги предвид случувањата во Европа, имено пандемијата COVID-19 и руската војна против Украина, Форумот даде можност подобро да се разберат предизвиците и можностите во регионот, како и улогата на граѓанското општество.

Главната цел на Форумот e беше да се промовираат ревидираните насоки на ЕУ за поддршка на граѓанското општество во регионот на проширување (2021-2027). Овие Насоки ги поставуваат целите за помошта на ЕУ за граѓанското општество, обезбедуваат алатка за владите да ја подобрат соработката со граѓанското општество и помагаат да се измери напредокот кон исполнување на условите за интеграција во ЕУ. Во периодот од 2014 до 2020 година, преку Програмата за граѓанско општество и медиуми, ЕУ обезбеди околу 330 милиони евра поддршка за граѓанското општество, додека планираната сума за периодот 2021-2023 година е 218 милиони евра. Насоките ќе и помогнат на ЕУ да го процени влијанието на оваа поддршка.

„Западниот Балкан останува приоритет за ЕУ, а ЕУ останува целосно ангажирана во унапредувањето на процесот на пристапување во ЕУ. Посебен фокус треба да се стави на ангажирање на помладата генерација во работата, за да им се овозможи да го направат регионот привлечно место за живеење, водење бизнис и остварување на нивните амбиции“, истакна Микела Матуела, вршител на должноста Директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG-NEAR) во Европската комисија.

Таа додаде дека сите вклучени чинители треба да работат со заедничка визија за тоа како може да се оптимизира улогата на граѓанското општество.

Раководителот на одделението за регионални програми за Западен Балкан, во GD NEAR при Европската комисија, Холгер Шредер рече дека на регионот на проширување и на процесот на интеграција во ЕУ им треба силно и енергично граѓанско општество за да придонесе за неопходните реформи, да помогне во вклучувањето на граѓаните и да ја поддржи економската, социјалната и политичката трансформација на регионот.

На форумот се говореше за актуелната состојба на граѓанските организации во регионот, како и за заедничките активности од страна на ЕУ, јавните власти и граѓанското општество кои би се справиле со идентификуваните предизвици. Четири приоритетни области: Зелена агенда; Владеење на правото, добро владеење и антикорупција; Човекови права, антидискриминација и намалување на сиромаштијата; и соработката на граѓанските организации со медиумите беа дискутирани на посебни сесии.

Претставници на Реактор беа дел од овој форум, како дел од застапувачките напори на организацијата, како и во рамки на проектот „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ”, кој се фокусира на интеграција на родовата перспектива во процесите и политиките релевантни за земјата и пристапниот процес со цел унапредување на родовата еднаквост и правата на жените.

Фото: www.tacso.eu