Јавен повик за изработка на Стратегиска рамка на Реактор

Контекст

Реактор – Истражување во акција е независна истражувачка организација [think-tank] со седиште во Скопје, Северна Македонија. Нашите главни области на работа се родова еднаквост, млади и урбан развој. Нашата работа е водена од визијата за родово, социјално, еколошки праведни општества, национално и глобално, каде луѓето можат да живеат слободен, достоинствен живот и активно да учествуваат во градење на праведно и одржливо општество.

Главниот фокус и основа на нашата работа се истражувањата. Земајќи го предвид недостатокот на расположливи податоци во процесите на креирање политики на локално, национално и регионално ниво, една од нашите главни стратешки цели отсекогаш била обезбедување на релевантни, навремени и темелно истражени податоци со цел информирање на политичкиот процес во нашите целни области. Делуваме преку обезбедување навремени и релевантни истражувања, предлози за алтернативни политики основани на тие истражувања, застапување и активно работење со заедницата, граѓанските организации, академските институции и политичките актери. Придонесуваме кон процесите на креирање на политики на локално, национално и регионално ниво, преку истражувања, застапување, поттикнување на дебати и дискусии за прашања што се релевантни за македонските граѓанки и граѓани.

За потребите на обновување на тековната организациска стратегија на Реактор – Истражување во акција, правиме ревизија на постигнатото и поставување на нови цели и активности во согласност со мисијата, визијата и програмските области на Реактор, со цел да продолжиме активно и ефективно да застапуваме за општите теми на кои се фокусира организацијата (родова еднаквост, млади и урбан развој), но и да се посветиме на поконкретни цели во рамки на истите, согласно ревидираните постигнувања и потребите и состојбите кај засегнатите страни и целни групи.

Новата стратегија на Реактор ќе треба да ја реафирмира нашата долгогодишна заложба и визија за родово, социјално,  еколошки праведно и одржливо општество, во кое сите луѓе, без разлика на нивната различност,  можат да живеат слободен и достоинствен живот и активно да учествуваат во неговиот развој. Новата стратегија што е предмет на овој повик треба да се однесува на периодот 2023 – 2026 година и да биде усвоена од Собранието на членовите на Реактор, на крајот на 2022 година.

Информации за доставување на понуди за изработка на стратегиската рамка

Процесот на подготвување на стратегиската рамка ќе биде спроведуван во два чекори, објаснети подолу. Процесот ќе овозможи инклузивност за сите членови и соработници на организацијата, со цел да се добие продукт кој најдобро ќе ги пресликува тековните состојби и ќе трасира чекори за адресирање на предизвиците во рамки на застапувачките прашања на Реактор.

Чекор 1 – КОНСУЛТАЦИИ

  • Консултативни средби со цел да се добие инпут од вработените на Реактор за тоа дали поставените параметри одговараат на моменталната стратегиска рамка и каде се потребни промени, вклучувајќи ги целите, целните групи и оперативните пристапи за подобро да се одговори на општествените текови и предизвици. Консултативните средби со тимот треба да овозможат увид во потребните промени кои треба да се направат за следната стратегиска рамка.[1]

Продукти: Организирани консултации со тимот на Реактор (онлајн или во живо, зависно состојбите) (максимум 3); Квалитативен извештај од консултативниот процес

  • Ритрит на вработените на Реактор[2], каде тимот ќе има можност да се слушне подобро меѓу себе, да се разгледа контекстот, и да се чујат и разменат идеи за нови и иновативни пристапи како да се унапредат состојбите на полињата на кои работиме и за кои застапуваме и како тие да се интегрираат во новата стратегиска рамка на организацијата. Темите за овој ритрит ќе произлезат од најприоритетните прашања и потреби кои ќе бидат детектирани во извештајот од консултативниот процес. Дебатите ќе бидат модерирани од страна на консултантите. За време на оваа фаза, тимот треба да направи ретроспектива на изминатата стратегија, да ги утврди тековните состојби, да дискутира за предизвиците и можностите, и да дискутира за идни активности и ставови на организацијата.

Продукти: Организиран ритрит (во живо); Квалитативен извештај од дебатите

Чекор 2 – ПИШУВАЊЕ и УТВРДУВАЊЕ

  • Придонесот добиен во консултативниот процес со тимот на Реактор и наодите добиени во чекор 1, треба да послужат за подготовка на новата стратегиска рамка и на очекуваните резултати на организацијата за следните 3 години. Како резултат во овој чекор, консултантите треба да ја подготват нацрт-верзијата на новата стратегија на организацијата. По разгледување на нацрт-верзијата од страна на тимот, ќе бидат организирани консултации за финализирање на продуктот со инпут од тимот на Реактор. Добиениот фидбек, консултантите треба да го имплементираат и да достават финален продукт.

Продукт: Нацрт-верзија на стратегија; Консултации за фидбек од тимот (не повеќе од 2); Финална стратегија

Потребни документи за испраќање на понуди:

  • Кратка биографија;
  • Листа на претходни релевантни ангажмани и изработени документи со слична содржина;
  • 2 препораки;
  • Кратка нацрт предлог методологија, буџет и временска рамка за работа во согласност со наведените чекори за подготовка на стратегијата (најмногу три страници).

Краен рок за испраќање на понудите е 25 август 2022 година. Апликацијата треба да се достави електронски до info@reactor.org.mk


[1] Во декември 2022 година, тимот на Реактор спроведе прва консултација која може да послужи како основа и насоките од истата да дадат насока за развој на стратегиските цели.

[2] Логистичката организација и буџетирање на ритритот, како што се сместување, храна и превоз е обврска на Реактор.