Реактор – Истражување во акција отвора повик за сите млади кои сакаат да истражуваат, да ги препознаат важните локални теми и да дадат глас на приказните што го отвораат патот кон позитивни промени во заедницата.
Оваа интерактивна програма нуди практичен простор каде учесниците ќе научат како идејата да ја претворат во силна, истражена и проверена приказна со вистински јавен интерес.
Низ практична работа и менторство со искусни истражувачи и раскажувачи, секој учесник ќе има можност да развие сопствена приказна – од првичната концепција, преку анализа на податоците и теренската реалност, сè до нејзино финално објавување.
Кој може да се пријави?
Повикот е отворен за млади луѓе на возраст од 18 до 30 години кои:
Бараме млади луѓе кои:
- Сакаат да ги истражуваат и раскажуваат важните приказни што го засегаат општеството.
- Имаат желба да научат како една идеја или локален проблем се претвора во истражена и влијателна приказна.
- Се заинтересирани за темите што ги засегаат локалните заедници и секојдневниот живот на луѓето.
- Сакаат да ги унапредат вештините за проверка на факти, критичко размислување и креативно раскажување.
- Имаат желба да развијат и објават сопствена авторска приказна.
Особено ги охрабруваме да се пријават сите млади автори и авторки, студенти и студентки, креатори и креаторки на содржини, како и младите новинари и новинарки кои ги прават своите први чекори во раскажувањето.
Претходно професионално искуство не е задолжително. Љубопитноста, интересот за заедницата и желбата да поставуваш важни прашања се сосема доволни за да започнеш.
Што ќе научиш?
Програмата се состои од 6 тематски сесии и 2 менторски сесии, со комбинација на предавања, дискусии, практични вежби и работа на сопствена новинарска приказна.
Програма на Школата за приказни што оставаат трага
Школата ќе опфати 6 тематски сесии и 2 продукциски и менторски сесии, со комбинација од предавања, практични вежби, дискусии, работа во групи и индивидуална/мала групна менторска поддршка.
Сесија 1: Новинарство против корупцијата
Што значи новинарството како работа од јавен интерес? Што е корупција и како таа се појавува во секојдневниот живот – од непотизам и клиентелизам до институционално молчење?
Учесниците ќе разговараат за тоа како се препознаваат злоупотребата на јавните ресурси, конфликтот на интереси и неформалните мрежи на моќ и како овие теми можат да се истражуваат преку новинарска работа.
Сесија 2: Медиумски слободи и локално новинарство
Како финансиската и политичката зависност влијаат врз локалното новинарство? Со какви притисоци се соочуваат локалните новинари и медиуми и како се појавува самоцензурата?
Ќе разговараме и за злоупотребата на јавните средства, непотизмот и неформалните мрежи на моќ, како и за родовите аспекти на корупцијата и прашањето кој е исклучен од процесите на одлучување.
Сесија 3: Проверка на факти и дезинформации
Како се шират дезинформациите и зошто стануваат влијателни? Како алгоритмите ги засилуваат информациите и каква улога имаат инфлуенсерите во создавањето и ширењето на „вести“?
Учесниците ќе се запознаат со основни алатки и техники за проверка на информации, изјави, фотографии и видеа, како и со можностите и ризиците од користењето на вештачката интелигенција како алатка и како извор на дезинформации.
Сесија 3: Од проблем до приказна
Како една тема или проблем се претвора во новинарска приказна? Што ја прави една приказна релевантна за јавноста и како се избира вистинскиот новинарски агол?
Учесниците ќе учат како да развијат пристап кој во центарот на известувањето ги има луѓето, како да изберат релевантни извори и како да избегнат сензационализам и нанесување штета.
Сесија 3.1: Етика и известување за чувствителни теми
Како одговорно да известуваме за злоупотреба на моќ, родова дискриминација, насилство и други чувствителни теми?
Ќе се обработат прашањата поврзани со заштитата на ранливите извори, согласноста и анонимноста, како и избегнувањето дополнителна трауматизација преку новинарското известување.
Сесија 4: Ризик и заштита – особено за млади и жени новинарки
Новинарството може да носи различни физички, дигитални, правни и емоционални ризици. Посебен фокус ќе биде ставен на онлајн вознемирувањето, родово заснованите напади и специфичните ризици со кои можат да се соочат младите и жените новинарки.
Ќе се обработат основите на дигиталната безбедност, правните ризици и емоционалното влијание на известувањето за тешки и чувствителни теми.
Сесии 5–6: Продукција и менторство
Во завршниот дел од школата, учесниците ќе работат на своите новинарски приказни.
Со поддршка од менторите, учесниците ќе имаат можност да:
- спроведат интервјуа;
- истражуваат и проверуваат информации;
- ги развијат и напишат своите приказни;
- создадат кратки видео или мултимедијални содржини;
- добијат уреднички фидбек;
- направат етичка и безбедносна проверка пред објавување.
Менторската поддршка ќе биде насочена кон развивање и уредување на приказната, истражување и проверка на факти, етички аспекти и проценка на потенцијалните ризици.
Краен резултат: Секој учесник/учесничка ќе развие сопствена приказна или мултимедијална содржина, подготвена за понатамошно уредување и, каде што е соодветно, објавување.
Кога?
Школата ќе се одржи во периодот од крајот на октомври до средината на декември 2026 година. Програмата ќе се реализира во Скопје (избраните учесници дополнително ќе бидат известени за локацијата).
Вкупно ќе има 6 сесии + 2 менторски сесии.
Деталниот распоред ќе им биде доставен на избраните учесници.
Колку учесници ќе бидат избрани?
Во рамки на школата ќе бидат избрани до 20 млади учесници. Бидејќи бројот на места е ограничен, при изборот ќе се земат предвид мотивацијата, интересот за новинарство и истражување, како и потенцијалот на кандидатите активно да учествуваат во програмата и да развијат сопствена приказна.
Што добиваат учесниците?
Избраните учесници ќе добијат:
- бесплатно учество во целата програма;
- практична обука со искусни професионалци;
- две менторски сесии;
- можност да развијат сопствена приказна;
- индивидуален фидбек за својата работа;
- сертификат за учество;
- можност за објавување на избрани приказни преку каналите на Реактор и/или партнерски медиуми.
Како да се пријавиш?
За пријавување потребно е да испратиш:
- Кратка биографија (CV)
- Кратко мотивациско писмо во кое во краток текст до 300 зборови, ќе одговориш на следните прашања:
- Зошто сакаш да бидеш дел од Школата за приказни што оставаат трага?
- Што сакаш да научиш?
- Која тема или проблем во твојата заедница ти е особено важен и би сакал/а да го истражуваш?
3. Пример од досегашна работа – доколку имаш
Може да испратиш текст, видео, аудио, фотографија, блог или друга медиумска содржина. Претходна работа не е задолжителна.
Рок за пријавување
Пријавувањето е отворено до 17.10.2026.
Пријавата испрати ја на: info@reactor.org.mk
Со наслов: „Пријава – Школа за приказни што оставаат трага“
Избраните учесници ќе бидат контактирани најдоцна до 22.10.2026.
Учеството во школата е целосно бесплатно.
За учесниците надвор од Скопје ќе бидат рефундирани патните трошоци.
Зошто да се пријавиш?
Затоа што секоја добра приказна почнува со едно прашање. Во Школата ќе научиш како од „нешто тука не е во ред“ да стигнеш до приказна поткрепена со факти: преку истражување, проверка на информации, разговори со вистинските луѓе и одговорно известување.
Ќе зборуваме за теми што ретко стигнуваат до насловите: како корупцијата различно ги погодува жените и мажите, кој останува невидлив во медиумите и зошто тоа е важно за сите нас. А ти ќе имаш простор да размислуваш, да пишуваш и да раскажуваш на свој начин.
Ако сакаш да поставуваш прашања, да „копаш подлабоко” и важните теми да ги претвораш во приказни што ќе се слушнат, пријави се за Школата за приказни што оставаат трага на Реактор – Истражување во акција.
Школата се имплементира со поддршка Министерството за надворешни и европски работи, одбрана, развојна соработка и надворешна трговија на Луксембург. Содржината е единствена одговорност на Реактор – Истражување во акција.