„Женското е туѓа фамилија“

Приказни зад дискрeпанцата во сопствеништвото на имот на сметка на жените

  • ОД: Марта Стевковска и Лени Фрчкоска

Наследувањето на имот од страна на жените во нашата држава е толку ретко, што низ времето се проткајува како народна пракса која речиси и да не се доведува под знак прашалник. Како и повеќето традиции, така и оваа, во својот корен негува начело на нееднаквост кое единствено опстојува во нашите ограничени перцепии за тоа што заслужуваат жените од своите семејства и колективи. Освен што се работи за блатантна дискриминација, темата за имотните права на жените, задира длабоко во родовата нееднаковост, како во личното, така и во политичкото.

Откако ја прочитавме статистиката за големата дискрeпанца во сопствеништвото на недвижен имот, на сметка на жените, решивме да проникнеме во приказните позади бројките. Истражувањето на „Реактор – истражување во акција“ за сопствеништво на имот кај жените, со наслов Има ли земја за жените?, открива дека почнувајќи од 2023, достапните податоци нагласуваат значителни родови разлики, при што мажите сочинуваат 71% од имотната евиденција во споредба со 29% на жените, тренд конзистентен во различни региони. Дополнително, според истражување од Националната федерација на фармери „во руралните области, само 4% од жените се носители на сопственички права, обично откако ќе станат вдовици“.

Истражувањето на Реактор покажува родова шема во изјавите за откажување од наследство, при што жените почесто се откажуваат од својот дел во полза на братот. Ова е резултат на патријархална и традиционална култура во која најчесто при распределба на наследството, имотот го добива синот или при оставински постапки ќерките се откажуваат од она што законски им припаѓа. За да ги истражиме овие динамики подлабински, спроведовме анкета, но и директно на терен разговаравме со жени на различни возрасти, различни етнички заединици и социјални групи кои ни ја раскажаа својата приказна. Методолошки, целта ни беше да се чуе нивната приказна и глас, кои ја хранат вознемирувачката статистика.

Нивните сведоштва, сличноста на нивните приказни и расплетувањето на токсичните семејни динамики кои ги понеле на своите плеќи и во чие име ја ставиле во залог својата иднина говорат за култура, политика и идеологија кои се отпорни на идејата за еднаквост и демократските вредности, но и на здравиот разум.

Тие динaмики говорат и за неопходноста државата да се освести за важноста на ова прашање и да го отвори како исклучително важно во образованието, но и да му се посвети преку посебни кампањи и програми, пред сѐ, преку Министерството на труд и социјална политика.

Само на машко се дава

Доминантен наратив што го забележавме е дека наследството се остава на синот, за кој се претпоставува дека ќе основа семејство, додека ќерката нема потреба од имот, бидејќи таа ќе стане дел од семејството што го основа друг маж. Бројни сведоштва зборуваат за различниот третман кој го добивале жените наспроти своите браќа, а како најболен пример беше сведоштвото на една жена на која ѝ било кажано дека „женското е туѓа фамилија“.

„Татко ми сакаше и јас да наследам, но по неговата смрт мајка ми целосно потпадна под притисокот на брат ми, кој ја манипулираше и убедуваше дека „женското е туѓа фамилија“. Сакам ова искуство да биде пример дека не смее да се толерира такво насилство и манипулација врз старите, бидејќи тие имаат право на сопствена волја и достоинство. Залуден е цел живот труд и печалба, ако на крајот синот станува деспот и раководи со животот на стари и изнемоштени родители“.

„Брат ми им вршеше силен притисок на мајка ми и татко ми дека женското не треба да земе имот. Денес ми се чини дека тој притисок им го скрати животот“.

„Татко ми рече машкото наследува, ‘ти си женско маж ти нека се грижи за тебе“.

„Сè му препишаа на брат ми, со образложение дека на машкото останува сè. Не станува збор за пари. Никогаш и не стануваше. Сакав само да ме третираат како човек, како рамноправна ќерка, а не како вишок. Еднаш им простив, кога ми рекоа: „Оди си, брат ти ќе се жени, сметаш.“ Втор пат – не простувам. Тогаш згасна нешто во мене. Единствена сестра сум, а брат ми не ме контактира со години. Најтешко ми е што не барав ништо материјално. Само љубов. Еднаквост. Поради таа болка дадов тон пари по психолози. Но конечно – завршив. Сè што имам, си го стекнав сама. И да ми дадат сега нешто, во лице ќе им го фрлам. Не ми треба“.

„Потекнувам од четиричлено семејство – родители, јас и брат ми. По школувањето во Скопје, се омажив во едно село во Валандовско. Таму почна мојот пекол – години семејно насилство. Брат ми се ожени и замина во Италија. Ми помагаше во тајност, плашејќи се од реакцијата на мајка ми. Една ноќ, сопругот насилник ме нападна. Соседите ми го спасија животот. Со децата избегав кај моите, но таму ме чекаа нови тортури – забрана да користам бојлер, навреди, закани. По жесток конфликт, завршив на улица. Се преселив во Скопје кај братучетка. Со многу труд најдов работа во агенција за недвижности, изнајмив стан и почнав нов живот со децата. Цела година родителите не се јавија да прашаат дали сме живи. По неколку години дознав дека целиот имот е префрлен на брат ми, по одлука на мајка ми. Потоа брат ми почина во Италија, а јас останав да се грижам за родителите. Мајка ми една година беше неподвижна, јас ја напуштив работата и станот за да бидам постојано со неа, иако навредите продолжија. Цел живот се обидував да купам љубов од мајка ми, но тоа никогаш не го добив. Сè уште сум тука, грижлива, иако од другата страна нема ниту благодарност, ниту поддршка“.

„Пред смртта на татко ми, мајка ми, без мое знаење, донела дома нотар да потпишат дека станот му го оставаат како подарок на брат ми. Тој бил МАШКО, јас женско дете, јас сум требала да се омажам и да си заминам од домот.“

„Не боли толку што материјално не добив ништо, туку тоа што моето „изземање“ од наследство беше еднакво на психолошко, емотивно и физичко напуштање од страна на родителите, недостаток на емпатија и сочувство за мојата состојба (разведена, живеам сама под кирија, а брат ми добива имот во вредност над 1 милион евра). Остави бес, гнев, тага и фрустрација поради нееднаквиот третман и се разбира нарушени и трајно непоправливи семејни односи. Причината што ми беа кажани е дека женските не добиваат имот“.

„За моите куќата била „за машкото“, а за мене доволна била помошта одвреме-навреме. Најмногу се каам за една реченица: „Немој да му земаш на брат ти.“ Доцна сфатив – не земам негово, туку наследство од моите родители, чие дете сум и јас.“

„Затоа што сум женско, сум требала да си барам маж и друга стреа“.

Се откажав за мир во куќа

Истражувањето покажа дека повеќе од половина жени поголемиот дел или целиот имот го подариле на нивниот брат. Сепак, еден дел од нив не се чувствуваат родово дискриминирани, затоа што тие самите одлучиле да се откажаат од имотот во корист на нивниот брат/браќа.

Ова е резултат на системска дискриминација и неправда, која се провлекува низ воспитувањето, каде различно се третира синот, а различно ќерката, па според тоа и општествените и семејните очекувања од ќерката се дека таа треба доброволно да се откаже од имотот кој „праведно“ му припаѓа на  братот, а најчесто тоа се прави за „мир во куќа и зачувување на добрите односи“. Причините кај жените за откажување од имотот се различни, но сепак суштината останува иста, позади откажувањето се крие длабоко повнатрешнета традиција и социјална норма дека синовите се тие кои треба да го добијат имотот, додека ќерката си го наоѓа својот „кров“ кај сопругот или на друго место.

Преку значителен дел од одговорите се наметнува и прашањето колку е жената во суштина слободна да избира, кога во самиот тој избор е вкоренето очекувањето и притисокот од околината и семејството.

Дел од сведоштвата се од жени кои своеволно, свесни за последиците, се откажале од својот имот и де факто ја демонстрираат слободата на избор. И во суштина ние таа слобода нема да ја доведуваме под прашање – конечно секој има право нешто да подари. Но она што нѐ наведе на размислување се перфидните и нежните притисоци на политичкиот и социјалниот контекст кои се толку повнатрешнети, што доведуваат до значителна статистичка дискрепанца.

Имено, каков е системот којшто ја учи жената дека нејзиниот мир и спокој се во корелација со нејзиното лишување од она кое што законски ѝ припаѓа? На какви социополитички, семејни и интимни столбови се заснова тој мир и конечно што тој камуфлира? Каков е тој систем што сопственото, условно кажано, жртвување го сведува на чувство на морална обврска, но и задоволство од самите себе и од реализацијата на таа обврска?

Тоа некако суптилно нѐ наведе на тезата на влијателната американска филозофка и теоретичарка на феминизмот, Сандра Ли Бартки, која пишува, „Оние што тврдат дека секоја жена може да ја репрограмира нејзината свест, ако е доволно детерминирана, имаат плитка перспектива за природата на патријархалното угнетување. (…) Едно од злата на системот на угнетување е тоа што може да направи штета која не секогаш може да се поправи. Патријархатот ги напаѓа интимните пукнатини на личноста каде што може да се вовлече и да го осакати духот засекогаш“.

Таква приказна раскажаа следните неколку сведоштва:

„Имам 37 години, мајка сум, сопруга и сестра. Мајка ми почина кога имав 12 години. Така почнавме да си се грижиме еден за друг – јас, татко ми и брат ми. На 26 години го изгубив и татко ми. По неговата смрт јас заминав кај дечко ми (сегашен сопруг). Од дома, брат ми и снаата ми праќаа пари додека не се осамостоив. Дојде ред и за делбата. Јас сè уште бев без свое семејство, но бев сигурна дека имот не ми треба – ниту имот, ниту куќа на мое име. Ми треба семејство, ми требаат луѓе. Сакав само да одам во татковата куќа која ќе биде средена и топла. Така и е – одам кога можам за да ги видам луѓето кои неизмерно ги сакам. По смртта на татко ми отидовме на нотар и свесно, по своја волја, не сакав ништо. Сепак, често се запрашувам дали односот помеѓу мене и мојот брат ќе беше поинаков доколку го задржев мојот дел и најискрено сметам дека одговорот е да“.

„Се откажав на нотар, ја исполнив желбата на мајка ми сè да им остане на синовите.“

„Сама се договорив со родителите, за мир во куќата поголемиот дел да му припадне нему. Не се чувствувам дискриминирано – едноставно не сакав целиот живот да го поминам по судови, па уште и на моите деца да им оставам проблем. На крајот на краиштата, треба и сами да заработиме и да си создадеме нешто свое. Тоа е дел од зрелоста.“

„Доброволно му го оставив целиот имот. Не сакам да се мешам кај брат ми – вака знам дека секогаш, во било кое време, имам каде да се вратам и ја имам неговата поддршка. Најбитно ми е да имам брат со кого ќе ги споделувам и тагата и радоста. Тоа за мене вреди повеќе од секој имот.“

„Заедно со моите сестри и едниот брат почнавме физичка делба на имотот од нашите родители додека беше уште жива мајка ми. На суд ние сестрите доброволно му го отстапивме имотот на братот, тоа беше наша желба“.

„Ние сме три сестри и еден брат. Кога почина нашиот татко, ние, трите сестри, доброволно се откажавме од наследството и тоа на наша иницијатива бидејќи така сме воспитувани уште од малечки, поголемиот дел од имотот да остане во наследство на братот. Ние отидовме и чекор понатаму, па се откажавме од целиот наш дел. Ние самите предложивме целиот имот да се препише на име на нашиот брат, така што немавме ситуација во која би барале објаснување зошто не сме добиле дел од имотот“.

Парадигматичен случај, што по којзнае кој пат ја потврдува тезата дека личното е политичко, е тој на Арта Меро, вонредната професорка по семејно и наследно право на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа која ни го сподели нејзиното сведоштво. И покрај тоа што во нејзиното семејство имотот бил подеднакво и правично поделен, притисоците неочекувано се појавиле од оние коишто немаат ништо со имотот на семејството – од роднините, пријателите и пошироката група. Имено според нејзините зборови: „По поделбата на имотот на родителите се соочив со бројни критики и навреди од роднини, колеги, пријатели, па дури и од моите студенти. Обвинувањата беа понижувачки: „Ако мојата сестра ми го направи ова, јас ќе ѝ ја затворам вратата“; „Испадна злобна сестра“; „Како го прифати ова брат ти, дали сè уште сте во добри односи?“; „Никогаш нема да уживаш во тој имот“; „Дали ти зборува брат ти?“; „Јас никогаш не би му го направила ова на брат ми“; „Да видиме како ќе се чувствуваш кога ќе земе дел сестрата на мажот ти“; „Не ти е ли срам пред брат ти“; „Јас мојата мајка никогаш не би ја оставил на вујковците да им го направи тоа“; „Ќерка што зема дел заслужува да ја оставиш како куче зад врата“, па дури и: „Јас би ѝ ги искорнал косите на сестра ми“.

Брат ми ја продаде куќата и со девет деца останав во Визбегово

Неколку сведоштва ни укажаа на тоа дека не може да воспостави целосна контрола на недвижниот имот и начинот на негов пренос, особено кога станува збор за нелегализиран имот кај социјалномаргинализирани заединици. Од повеќето вакви случаи во овој контекст би потенцирале едно сведоштво кое резултира со бездомништво поради нелегална продажба на имот

„Живеевме две сестри и еден брат со родителите. По смртта на родителите, братот кој беше женет и имаше деца реши да ја продаде куќата и се пресели со семејството во Германија. Јас и сестра ми останавме без ништо, иако јас бев против продажбата, но не знаев ни кога ја продал ни ништо. Во тоа време јас и сестра ми бевме омажени и живеевме со своите сопрузи и деца. Потоа почина и мојот сопруг и останав сама со девет деца во центарот за бездомни лица во Визбегово. Да го имав имотот од моите родители, да не го продадеше братот, сега ќе имав куќа и немаше да бидам бездомничка. Куќата на моите родители немаше имотен лист и целата продажба беше сомнителна.“

***********************************************************************************************

Горенаведените дваесеттина сведоштва поделени во три елементарни линии се само врвот на ледениот брег кој месециве го истражуваме. Она што ни стана јасно при исражувачкиот процес е дека жените, иако во поголем дел анонимно, се конечно поотворени да размислуваат и да разговараат на оваа тема.

Дополнително, сведоштвата го отвораат и прашањето за економско насилство, кое е директно поврзано со финансиската немоќ и зависност на жените од своите партнери, а истовремено за тоа придонесува и немањето имот на свое име. Всушност и самото контролирање, негирање на правото на наследство, притисок и манипулација од страна на фамилијата за ќерките да се откажат од имотот во корист на браќата, е само по себе форма на економско насилство.

Во општество во кое насилството е нормализирано, како една жена да ја напушти насилната средина ако нема каде да оди? Економската зависност е и една од причините позади која жените остануваат во насилните врски или бракови, а изоставањето од наследство што законски им припаѓа, за некои жени може да придонесе кон континуирана злоупотреба или трпење на насилниот партнер поради кровот над глава. Кога жените не наследуваат имот исто како и своите браќа, тие се соочуваат со структурна дискриминација и отежнувачка околност што директно влијаат на квалитетот на нивните животи.

Таквиот моментум го префрла вниманието на државните институциите кои се должни да одговорат на барањата на оние свои граѓанки кои се чувствуваат натсилени и обесправени, и преку медиумите, образованието, бесплатна правна помош и слични механизми да се заложи и гарантира дека истата неправда нема да биде судбина и на нивните ќерки.

Текстот е оригинално објавен на Медуза.