Мајчиното ментално здравје во фокус: Потребна е достапна и навремена поддршка за секоја мајка

На 1 јуни 2026 година се одржа конференцијата „Мајчиното ментално здравје како приоритет: Од препознавање кон достапна поддршка за секоја мајка“, која отвори значајна дискусија за предизвиците со кои се соочуваат жените во текот на бременоста и по породувањето, како и за потребата од посистемска и подостапна поддршка.

Настанот, во организација на Здружението ЕСЕ во соработка со Реактор – Истражување во акција, обедини претставници на институции, здравствени и социјални работници, психолози, психотерапевти, граѓански организации и други релевантни чинители, кои разговараа за важноста на навременото препознавање на проблемите со менталното здравје во перинаталниот период и обезбедувањето соодветни услуги за поддршка на жените и нивните семејства.

Во рамки на конференцијата беше истакната потребата од поголема информираност и едукација на жените, подобра координација помеѓу институциите, како и развој на услуги што ќе бидат достапни и децентрализирани во различните заедници каде што живеат жените.

Како дел од панел дискусијата насловена „Поддршка за перинаталното ментално здравје во заедницата: потреби, можности и следни чекори“, беше отворено прашањето за тоа како перинаталното ментално здравје може поефикасно да се интегрира во постојните здравствени услуги и практики, со посебен фокус на улогата на различните здравствени професионалци и нивоа на здравствена заштита. Се разговараше за искуствата од спроведувањето на групите за поддршка на мајки од страна на Психолариум, во рамки на партнерството во проектот со Реактор, нивното значење како безбеден простор за споделување и меѓусебна поддршка, како и за потребата ваквите услуги да станат подостапни и поодржливи во иднина.

Посебен акцент беше ставен на можностите за навремено препознавање и адресирање на предизвиците поврзани со менталното здравје на мајките во текот на бременоста и по породувањето. Во таа насока се дискутираше за улогата на медицинскиот персонал во породилиштата, матичните лекари, превентивните тимови и патронажните сестри како клучни точки на контакт со жените во перинаталниот период, а беше нагласена и потребата од дополнителна едукација, јасни протоколи за упатување, подобра координација помеѓу службите и зајакнување на капацитетите на примарната здравствена заштита за навремено препознавање, поддршка и упатување на жените кои се соочуваат со психолошки потешкотии. Учесниците се согласија дека унапредувањето на перинаталното ментално здравје бара системски пристап кој ќе ги поврзе здравствените услуги со поддршката во заедницата и ќе обезбеди континуирана грижа за мајките и нивните семејства.

Како дел од настанот, во организација на Реактор – Истражување во акција, се одржа и тркалезната маса „Патеки на грижа за менталното здравје на мајките“. Во рамките на дискусијата се нагласи потребата перинаталното ментално здравје да се препознае како прашање што ги надминува рамките на здравствениот систем и бара координиран, мултисекторски пристап. Беше истакнато дека благосостојбата на мајките е тесно поврзана со поддршката што ја добиваат од партнерите, семејството, заедницата, институциите и работната средина, поради што е неопходно развивање на систем кој ќе обезбеди навремена, достапна и континуирана поддршка во текот на бременоста и по породувањето.

Дополнително, во дискусијата беше нагласено дека за унапредување на перинаталното ментално здравје се потребни поголеми инвестиции во услуги за психолошка и психосоцијална поддршка, развој на програми за психоедукација на семејствата, јакнење на улогата на социјалните работници и подобра координација помеѓу здравствениот и социјалниот систем. Во оваа насока, беше истакната и важноста од развој на родово одговорни семејни политики, поголема вклученост на приватниот сектор преку креирање на родово одговорни и семејно ориентирани политии во рамки на компаниите, подобрување на услугите за грижа за деца и интегрирање на прашањата за менталното здравје на мајките во пошироките демографски и социјални политики. Учесниците се согласија дека поддршката на мајките не е само индивидуално или семејно прашање, туку предуслов за здрави семејства, подобар развој на децата и поотпорно општество.

Настанот беше организиран со поддршка од Амбасадата на Франција во Северна Македонија.

Организаторите порачаа дека ќе продолжат активно да работат на подигнување на свеста за ова прашање и да се залагаат за политики и услуги кои ќе обезбедат навремена, квалитетна и достапна поддршка за секоја мајка.