На 1 јуни, во склоп на конференцијата: „Мајчиното ментално здравје како приоритет: Од препознавање кон достапна поддршка за секоја мајка“, организирана од Здружението ЕСЕ во соработка со Реактор – Истражување во акција, Реактор одржа тркалезна маса насловена „Патеки на грижа за менталното здравје на мајките“.
Говорници на овој панел беа: Ирена Жунгулова, Психолариум, Габриела Маџоска Лазарова, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Жаклина Гештаковска Алексовска, УНФПА, и Нада Тофоска, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.
Во рамките на дискусијата говорниците ја нагласија потребата перинаталното ментално здравје да се препознае како прашање што ги надминува рамките на здравствениот систем и бара координиран, мултисекторски пристап. Беше истакнато дека благосостојбата на мајките е тесно поврзана со поддршката што ја добиваат од партнерите, семејството, заедницата, институциите и работната средина, поради што е неопходно развивање на систем кој ќе обезбеди навремена, достапна и континуирана поддршка во текот на бременоста и по породувањето.
Жунгулова од Психолариум, кој во рамки на проектот ги водеше групите за поддршка на мајки, се осврна на тоа дека групната поддршка им овозможува на жените да поминуваат низ истите предизвици заедно, во истиот општествен и современ контекст. Таа додаде дека учеството во групи за поддршка ја намалува изолацијата и го зголемува чувството на припадност, се развиваат емпатија, солидарност и похумани односи во заедницата. Во оваа насока, ја нагласи и потребата од поголема едукација на партнерите и поширокото семејство за да можат поефективно да ги поддржат мајките, бидејќи грижата треба да се споделува, а капацитетите за поддршка да се развиваат на ниво на целото семејство. Зборувајќи за транзицијата при враќањето на работа, таа спомена дека многу жени чувствуваат вина при враќањето на работа, и е потребно е време идентитетот на мајка да се интегрира во останатите животни улоги и секојдневни обврски. Во оваа насока, се нагласи потребата од психолошка поддршка на работното место како дел од грижата за благосостојбата на вработените.
Дополнително, во дискусијата беше нагласено дека за унапредување на перинаталното ментално здравје се потребни поголеми инвестиции во услуги за психолошка и психосоцијална поддршка, развој на програми за психоедукација на семејствата, јакнење на улогата на социјалните работници и подобра координација помеѓу здравствениот и социјалниот систем. Во оваа насока, беше истакната и важноста од развој на родово одговорни семејни политики, поголема вклученост на приватниот сектор преку креирање на родово одговорни и семејно ориентирани политии во рамки на компаниите, подобрување на услугите за грижа за деца и интегрирање на прашањата за менталното здравје на мајките во пошироките демографски и социјални политики. Учесниците се согласија дека поддршката на мајките не е само индивидуално или семејно прашање, туку предуслов за здрави семејства, подобар развој на децата и поотпорно општество.
Маџоска Лазарова нагласи дека институциите имаат обврска да обезбедат навремена, достапна и квалитетна поддршка за жените, вклучително и во областа на менталното здравје. Таа појасни дека родово одговорното буџетирање не значи издвојување посебен буџет за жените, туку проценка на тоа како јавните средства се распределуваат и дали тие подеднакво одговараат на потребите на различните групи граѓани или, пак, ги продлабочуваат постојните нееднаквости. Во таа насока, како особено важно прашање го истакна еднаквиот пристап до услуги, имајќи ги предвид разликите помеѓу урбаните и руралните средини и достапноста на поддршката надвор од главниот град. Таа истакна дека се потребни посилни системски инвестиции во превенција, рана поддршка и специјализирани услуги, како и политики што ќе придонесат за подобро усогласување на приватниот и професионалниот живот. Според неа, вложувањата во јавното здравје, грижата и поддршката за семејствата не претставуваат трошок, туку инвестиција со долгорочни придобивки за целото општество. Дополнително, нагласи дека е неопходно проширување на капацитетите за згрижување на деца, подобрување на пристапноста и условите во градинките, како и развивање мерки што ќе го олеснат враќањето на жените на пазарот на трудот, особено во помалите и руралните средини.
Гештаковска Алексовска се осврна на потребата повеќе компании и работодавци да ја препознаат важноста на менталното здравје на мајките и да го вклучат во својата организациска култура. Таас подели добри практики од седум компании кои соработуваат со УНФПА и кои веќе воведуваат практики како флексибилно работно време, хибридни модели на работа, скратено работно време со полна плата во првите три месеци по враќањето од породилно отсуство и дополнителни слободни денови за грижа за деца. Таа истакна дека е важно да се покажат и економските придобивки од ваквите мерки за да се поттикне приклучување на поголем број компании.
Тофоска, зборувајќи од клиничкото искуство, сподели дека здравствениот персонал често работи под голем притисок и е преоптоварен, и ја нагласи потребата од подобрување на комуникацијата помеѓу здравствените работници и мајките. Еден од предизвиците кои ги посочи таа е тоа што наместо простор за изразување на емоции и потреби, жените често добиваат пораки како „треба да бидеш среќна што си мајка“ или „биди силна“, а емоционалните реакции, плачењето или вознемиреноста понекогаш се третираат како проблем што треба да се коригира, наместо како легитимен дел од искуството на мајчинството.
Во заклучниот дел од дискусијата беше нагласено дека грижата за децата, домот и семејството не смее да остане одговорност што непропорционално паѓа врз жените, туку треба да биде рамноправно споделена меѓу жените и мажите. Учесниците истакнаа дека создавањето услови за еднаква распределба на грижата е клучно не само за благосостојбата на мајките, туку и за постигнување поголема родова еднаквост во општеството.
Дополнително, беше потенцирано дека многу од предизвиците со кои се соочуваат жените за време на бременоста и по породувањето не се индивидуални или изолирани искуства, туку реалност што ја споделуваат голем број мајки. Затоа е важно овие прашања да бидат препознаени и адресирани системски, а поддршката да биде достапна таму каде што жените живеат. Развојот на локални услуги и механизми за поддршка беше препознаен како еден од клучните предуслови за навремена, достапна и ефективна грижа за мајките и нивните семејства.
Настанот беше организиран со поддршка од Амбасадата на Франција во Северна Македонија.