На вчерашната пленарна седница, Европскиот парламент го усвои Извештајот за Северна Македонија, во кој ја потврдува поддршката за европската интеграција на земјата, но истовремено укажува на потребата од поинтензивни реформи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на човековите права.
Во делот на родовата еднаквост, човековите и ЛГБТИК+ права, Европскиот парламент:
🔹 повикува на усвојување на Законот за родова еднаквост, Законот за работни односи и Законот за спречување и заштита од вознемирување на работното место, во согласност со европските стандарди, со што би се унапредил квалитетот на живот за жените и би се постигнал напредок во поглед на родовата еднаквост, особено во однос на нивната економска, политичка и општествена вклученост;
🔹 бара зајакнување на институционалната рамка за родова еднаквост, поефикасна заштита од родово-базирано и семејно насилство и обезбедување доволни ресурси за сервисите за поддршка на жртвите;
🔹 поздравува дел од законските измени што ја усогласија домашната регулатива со Истанбулската конвенција, вклучително и дефиницијата за силување заснована на согласност и признавањето на родово базираното насилство, како и криминализирање на споделувањето туѓи интимни содржини без согласност;
🔹 повикува на подобрување на правната заштита на ЛГБТИК+ лицата и справување со говорот на омраза, вклучително и онлајн, изразувајќи сериозна загриженост поради ескалацијата на омраза кон ЛГБТИК+ заедницата и граѓанските организации;
🔹 бара измени на Законот за матична евиденција со цел да се обезбеди брзо, достапно и непречено правно признавање на родот во согласност со пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2019 година;
Во делот на демократијата и граѓанското општество, Европскиот парламент:
🔹 повикува на поголемо вклучување на граѓанските организации во креирањето политики и јавните консултации, како и на транспарентно јавно финансирање на граѓанскиот сектор;
🔹 ја нагласува важноста на организациите кои ги следат и критички ги оценуваат реформите поврзани со ЕУ;
🔹 изразува загриженост поради онлајн вознемирувањето и родово базираното насилство врз новинарките и повикува на поефикасна заштита на новинарите и медиумските работници.
Во однос на младите, Европскиот парламент бара зајакнување на младинските политики преку измени на Законот за младинско учество и младински политики, воспоставување механизми за следење и обезбедување посебна буџетска линија за младински политики.
📄 Целиот извештај е достапен на:
https://www.europarl.europa.eu/doceo/document/A-10-2026-0162_EN.html