Клучни состојки на новогодишното пакетче за младински политики би требало да бидат Национална стратегијата за млади, на која и е потребна ревизија и нов процес за креирање на закон за млади, односно за младинско учество, пишува претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Со оглед на тоа што оваа колумна излегува на 30-ти јануари, најпрво би сакал да ви ја честитам новата година, да ви посакам многу здравје и успеси и да ви пратам апел сите заедно 2018 да ја направиме година на младите во Република Македонија. Се надевам сте имале поуки од изминатата година, но дека сепак наоѓате позитивни аспекти за да ја оцените како успешна.
Новогодишните празници се веројатно најинтересниот период од годината. Од една страна се прави рекапитулација на целокупната измината година, што било добро, што било лошо, се вадат некакви научени лекции и се констатира дали годината била сѐ на сѐ добра или лоша. Следна фаза е планирањето на наредните чекори за следната година, што се очекува од истата и каква ли ситуации ќе донесе. Покрај сеопфатните анализи следат и традиционалните „пакетчиња“ за најмладите. Оттаму и бев инспириран со прашањето: доколку навистина постоеше Дедо Мраз, што ли колективно ќе им донесеше на младите во Македонија за да им ја „заблажи“следната година?
Пред да продолжам, важно е да се разјасни дека не е паметно да се споредуваат фиктивни институции, како Дедо Мраз и неговите помошници и вистинските можности на реалните институции, пред сѐ државните. Сепак, понекогаш е корисно да се погледнат од различна страна работите, па ќе се обидам да ги „вметнам“ клучните приоритети за младите коишто треба да се остварат од државните институции во едно новогодишно пакетче.
Веројатно сите сме запознаени од што се состои едно новогодишно пакетче. Генералните продукти што би можеле да се најдат внатре се една или повеќе големи чоколади коишто ја даваат контурата на целокупната големина на пакетчето, неколку поситни благи и солени продукти коишто го пополнуваат просторот создаден од големите чоколади, гумени бонбони со средна големина и сето тоа спакувано во некој украсен продукт.
При ваква стандардна поделба на едно новогодишно пакетче на димензии со конкретни продукти, во пакетчето за младите од Македонија клучната улога би имала Национална стратегијата за млади, којашто би требало да го определи волуменот и за другите „продукти“. Република Македонија веќе има стратегија за млади за временскиот рок 2016-2025 и како највисока младинска политика, а воедно и единствениот документ според кој Агенцијата за млади и спорт се води при работењето со млади, го зазема и најголемиот простор во „пакетчето“. Она што фали е ревизија на истата, прво бидејќи не е паметно чоколадо да биде оставено без да биде допрено две години, а после две години да ви текне дека сепак сакате да го јадете отвореното чоколадо. Второ, бидејќи во тие две години се променил и контекстот на самата стратегија.
Второто големо чоколадо во пакетчето би бил нов процес за креирање на закон за млади/младинско учество, којшто пред сѐ би ги уредил механизмите за младинско учество.
Малите благи во случајот на пакетчето од мојата колумна ќе бидат претставени со локалните младински стратегии во општините низ Република Македонија. Онаму каде што ги има, ретко, ако не и никогаш не се совпаѓаат со Националната стратегија за млади, ниту временски, ниту според приоритетите наведени во содржината. Нормално, често младите се радуваат на разновидноста на благите, арно ама, во нашиот случај неусогласеноста меѓу големото чоколадото и малите благи доведува до тоа да имаме неефикасни стратегии што доведува до „колективно труење“. Оттаму е и потребата за креирање на јасни и ефективни локални младински стратегии коишто се совпаѓаат со приоритетите на ревидираната национална стратегија за млади. Со тоа, веројатно ќе постигнеме колективно лекување на немилите случувања со мешање на чоколади.
Малите соленки се всушност локалните младински совети. Едно новогодишно пакетче во 2014 година ги донесе преку Владина одлука која ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да ги информира општините дека треба да формираат вакви тела. Арно ама, ниту едно следно новогодишно пакетче не им даде јасна контура, јасна цел и напишани инструкции за тоа како треба да се спроведе одлуката на Влада. Па така, сега имаме „каша попара“. Те имаме локални младински совети признаени како тела на општината, те имаме регистрирани Здруженија на граѓани како Локални младински совети. Е сега, за 2018 мислам дека е крајно време да не ги мешаме малите соленки меѓусебно и притоа да дадеме јасна насока кон што целиме со овие Локални младински совети. Да дадеме јасни цели и јасни очекувања, бидејќи во моментов соленките си стојат и чекаат да бидат отворени.
Гумените бонбони во овој случај се Националниот младински совет на Македонија. Составени од широк број на различни гумени врсти на бонбони, еден дел со шеќер на нив, втор дел се претставени во форма на мечиња, трет дел овошни и четврт дел слатко кисели. Сите тие, во летото од 2013 сами си подарија пакетче и го формираа Националниот младински совет на Македонија, со заедничка цел да ги претставуваат младите. Оттаму и потребата за гумени бонбони, значаен баланс се за сите горенаведени делови од пакетчето и даваат суштина на целокупниот процес. Без гумените бонбони не би можеле ни да го започнеме процесот на креирање пакетче за 2018, а не па да почнеме да консумираме дел од другите продукти.
Пакувањето на пакетчето е можеби најважно, а тоа во случајот на оваа колумна се државните институции кои што треба да одлучат дали воопшто ќе има пакетче, бидејќи токму тие се оние кои ги соединуваат сите горе наведени „продукти“. Младинските организации, или во овој случај гумените бонбони, веќе го прават првиот чекор и даваат предлози за како да се соединат сите работи во една кохерентна младинска политика, или во случајот на колумната едно новогодишно пакетче. Она што е клучно е дека споменатите продукти не можат едно без друго, бидејќи така би биле само еднократни продукти, а не сеопфатно новогодишно пакетче коешто ќе даде јасна насока за младинските политики во Република Македонија.
Блогот е оригинално објавен на Радио Слободна Европа.