Независната истражувачка организација Реактор – истражување во акција, чии главни области на работа се родова еднаквост, млади и урбан развој, изрази задоволство за усвоените законски измени на вчерашната владна седница со кои ДДВ-то за менструални производи во иднина треба да се намали на 5 проценти и го повика Собранието што побрзо да го усвои Законот.
„Ја поздравуваме одлуката на Владата на РСМ за утврдување на текстот на Предлогот на закон за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност со кои се врши намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи со цел поттик за поголема заштита и хигиена. Измените на Законот за ДДВ се во согласност со препораките за унапредување на политиките на Реактор – истражување во акција и Тииииит! Инк. кои произлегуваат од сеопфатната студија од 2021 за пристапот до менструална хигиена во РСМ“, изјавија од Реактор за Мета.мк.
Оттаму нагласија дека менструалната сиромаштија е феномен што ги засега девојчињата, жените и другите лица кои менструираат на глобално ниво и претставува значајна препрека кон постигнување на родова еднаквост, здравје и добросостојба.
„Затоа, го повикуваме Собранието да ја препознае итноста на овој проблем и што побрзо да го усвои Законот за измена и дополнување на Законот за данок на додадена вредност! Тоа е првиот чекор кон прекинување на циклусот на сиромаштија и зајакнување на жените и девојките преку овозможување развој и достигнување на целосниот потенцијал без оглед на нивниот менструален статус и можностите за справување со истиот.
Оригинална објава на Мета.