Пред неколку дена се потсетив на една германска песна на писателот Хајнрих Хајне. Во 1832 година ја напишал кратката песна „Си имав еднаш убава татковина“. Тој песната ја пишува како прогонет од Пруските власти поради неговите либерални текстови и песни, па својот живот го продолжува во Париз.
Самата песна е кратка и слободниот превод би одел „Си имав еднаш убава татковина. Дабовите дрва растеа таму толку високи, темјанушките кимнуваа нежно. Тоа беше сон. (татковината) ме бакнуваше на германски и зборуваше на германски. Не можете да поверува колку убаво звучеше реченицата „те сакам. Тоа беше сон“.
Песната ме потсети на тоа дека тој немал избор и морал да замине од својата татковина. Од друга страна, пак, се повеќе сум загрижен дека ако не ја искористиме можноста што ја имаме во наши раце за да ја направиме Македонија подобра татковина за сите нас, се повеќе млади како Хајнрих Хајне ќе си заминат од својата татковина. Хајне немал многу избор. Или ќе бил цензуриран целиот свој креативен живот, или ќе нашол нова средина каде што неговите пишани зборови нема да бидат цензурирани.
Сепак, прашањето што сѐ уште ми останува во главата, а на кое ќе нема одговор до први октомври, е што ќе направиме за нашата татковина да оди во насоката која што ние како генерација ја сакаме? Ќе останеме ли неми учесници на општеството, наместо да го обликуваме онака како што ние сакаме?
Во рамки на настанот на кафе со Европската Унија и Европскиот Парламент кој го организираше Националниот младински совет на Македонија, имав можност да се сретнам и да разговарам со млади луѓе кои се загрижени за својата иднина. Пред сѐ за квалитетот на образованието, можностите што ги имаме, што ќе значи членството во ЕУ за следните генерации, што ќе имаме ние како сегашна млада генерација кога ќе остариме. На крајот на настанот имав и можност да разговарам со постар господин, кој многу искрено не праша „како може Европска Унија да ни ветува дека нема веќе да има корупција, дека трудот на секого ќе биде ценет, дека врските нема да се пресудни за вработување туку конечно ќе имаме едно општество во кое владее меритократија, а не она што било 27 години“. Точно, Европската Унија нема да ни ги реши тие проблеми. За тоа и самите ќе мора да се избориме и нема да се случи преку ноќ. Меѓутоа, Европската Унија ни ја дава токму поддршката тоа да го поправиме, да имаме воспоставен систем кој ќе функционира и ќе биде одржлив. Ќе ни овозможи да имаме повеќе средства за образование, повеќе можности за нашите млади и повеќе искуства за што функционира како решение за еден расипан систем.
Оттаму сакам да изведам еден важен заклучок. Нашите родители, баби и дедовци, веќе еднаш имале можност да одлучат во која насока ќе оди државата и тие ја искористиле најмногу колку што можеле. Сега е на нас, младите генерации да го покажеме новиот пат на нашата татковина. И треба да бидеме горди што ја имаме таа можност, бидејќи голем број на луѓе го немале тој избор, па дури ни самиот Хајне кој го немал изборот, морал да си замине од својата татковина и да го продолжи и заврши својот живот во Париз. Европската Унија нема да не промени преку ден, но што побрзо ние го имаме куражот да кажеме во која насока ќе одиме како општество, толку повеќе ќе бидеме спремни ние да си го промениме општеството. На крајот на денот ќе ни отвори можност за една нова иднина и сегашност, наместо да ни остане само историјата.
Завршувам со насловот на книгата на нашиот прв претседател „Македонија е се што имаме“. Македонија е сѐ што имаме, и затоа информирајте се и дискутирајте за да изградите став за претстојниот референдум. Излезете и гласајте, оти можеби Македонија е се што имаме, но и Македонија е ништо без нејзините граѓани да одлучат во која насока ќе одиме.
Блогот е оригинално објавен на Радио МОФ.