Агенцијата за млади не дозволува младите да си изберат претставник за Западен Балкан

Агенцијата за млади и спорт не им дозволува на младинските организации од Македонија да изберат свој претставник во Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) за Западен Балкан. Крајно време е младинските организации да бидат ослободени од институционалните стеги преку кои им се наметнуваат ставови и одлуки, а младите во Македонија да добијат глас во организациите наменети токму за нив.

Идејата за регионална канцеларија за младинска соработка произлегува од Берлинскиот процес, кој треба да ги поттикне европските реформи на земјите од Западeн Балкан. По вториот самит на Берлинскиот процес во Виена, Австрија во aвгуст 2015, премиерите на државите учеснички од Западен Балкан ја потпишаа заедничката декларација за воспоставување на РИКО во своите држави.

Министер како младински претставник од Македонија

Работната група за формирање на РИКО се состоеше од два члена од секоја држава потписничка – еден претставник од институција која работи со млади и еден претставник од младинските организации од земјата.

Токму при изборот на претставниците од Република Македонија се појави првиот проблем. Агенцијата за млади и спорт, без транспарентен процес и без да ги вклучи организациите на младите во процесот на одлучување, го избра Фатон Положани како претставник на младинските организации на Македонија. Организацијата „Вепро“ од Струга, од каде што доаѓа Положани, не е позната во младинскиот сектор. Младинските организации реагираа до Агенцијата за млади и спорт, но таа ги одбиваше нивните реакции како неосновани.

Само два месеци пред формалното воспоставување на РИКО, во јули оваа година, Фатон Положани беше назначен за заменик министер за транспорт и врски во Владата. Со тоа, во РИКО, Македонија немаше претставник од младинските организации, туку два претставника од државните институции. Младите во Македонија повторно беа изиграни и оставени без глас во тело наменето токму за нив.

kancelarija mladinska sorabotka slikablog
Извор: www.radiomof.mk/se-otvora-regionalna-kancelarija-za-mladinska-sorabotka

Недоследности и нетранспарентност на Агенцијата за млади и спорт

Законот за ратификација на Договорот за основање на Регионална канцеларија за младинска соработка беше донесен од Собранието на 13 октомври оваа година. Според статутот на РИКО, секоја држава може да воспостави Национална работна група и да го избере младинскиот претставник.

Националната работна група во Македонија се состои од членови на државните институции (Агенцијата за млади и спорт, Министерство за надворешни работи, Министерство за образование, Министерство за култура и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност) и од членови номинирани од младинските организации под покровителство на Агенцијата за млади и спорт.

И при изборот на членови во Националната работна група, некои од младинските организации кои номинирале свој претставник не ги исполнуваа критериумите наведени во јавниот повик. Поради сомневањата за регуларноста на изборот, некои од членовите на Националната работна група побараа увид во документацијата на јавниот повик и пристигнатите апликации во Агенцијата за млади и спорт. Агенцијата го одби барањето за увид на работната група во документацијата и членовите ги пренасочи кон правото за пристап до јавни информации. Но и покрај барањата за јавен пристап до информации, не беа доставени сите податоци, туку само имињата на организациите кои аплицирале на јавниот повик. Поради краткото време, работната група побара изводи од тековните состојби на сомнителните организации кои не беа активни во младинскиот сектор се` до формирањето на Националната работна група. Податоците од Централниот регистар на Македонија покажаа дека според тековните состојби три од организациите примени на јавниот повик се водат како неактивни здруженија на граѓани.

Агенцијата за млади и спорт ги игнорираше и овие податоци и ги повика членовите на Националната работната група да гласаат за младински претставник во Управниот одбор на РИКО. Притоа, директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески самоволно ги утврди правилата и начинот на гласање, иако на работните состаноци членовите веќе се договорија како да се гласа.

Проблематичен и изборот на младинскиот претставник во Управниот одбор на РИКО

Македонските проблеми во Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан продолжија и со номинациите на младински претставник во Управниот одбор на РИКО.

Според јавниот повик, кандидатите не смеат да бидат членови на Националната работна група. Сепак, Агенцијата за млади прифати кандидат кој е член на работната група, со образложение дека кандидатот се повлекол од неа. Членовите на работната група првпат слушнаа дека кандидатот се повлекол токму на гласањето. Меѓутоа, иако кандидатот се повлекол, тој бил активно вклучен во електронската комуникација на Националната работна група, што укажува дека сепак бил нејзин член и имал предност пред другите кандидати. Дополнително, Бојана Наумовска која е номинирана кандидатка за младински претставник работи во државна институција – Собранието на Република Македонија, што не е спротивно на јавниот повик, но сепак повторно им го одзема правото на младите на имаат сопствен претставник без тој/таа да биде дел од државните институции

Ова повторно го отвара прашањето колку всушност институциите дозволуваат младите сами да одлучат кој ќе ги претставува во РИКО.

Србија може да ни служи за пример

Агенцијата за млади и спорт требаше да го дерегулира работењето на Националната работна група, да ги остави младинските организации да изградат сопствен став, да им овозможи услови за работа и да им остави на младите да изберат сами претставник.

Агенцијата требаше да дозволи да се изгласа правилникот за работа на Националната работна група, што ќе значеше дека има утврдени правила според кои ќе се раководат делегатите, а не како сега, за сите прашања и предизвици да се одлучува ад хок.

Понатаму, прочистениот список на делегати во работната група ќе овозможеше транспарентност, односно да бидат вклучени само претставници на организациите кои ги исполнуваат условите, а не кој било за само да се промовира лажна инклузивност.

Ако ова се чини идилично, доволно е да се погледне како е тоа решено во соседна Србија. Таму младинските чадор организации го водат процесот за номинација на младински претставник, а Министерството за млади и спорт институционално ги поддржува, без да наметнува сопствен став. Истото можеше да биде и во Македонија, ако Агенцијата за млади и спорт отстапеше и беше само техничка поддршка на Националниот младински совет на Македонија како чадор организација која можеше да го спроведе изборот за младинскиот претставник.

Крајно време е младинските организации да бидат ослободени од институционалните стеги преку кои им се наметнуваат ставови и одлуки, без при тоа младинските организации да имаат вистинска можност да изградат сопствен став.

Блогот е оригинално објавен на ResPublica.