Во новата година, стари предизвици за младите

Во 2019 ни е потребен план за млади кој кохерентно и детално ќе опише каква перспектива ние ќе им понудиме на младите. Нема да биде лесно, нема ни да ги решиме работите во една година. Но ќе даде основа за следната нова година да не биде иста како и претходните, пишува Блажен Малески, претседател на Националниот младински совет на Македонија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Вообичаената новогодишна флоскула „нова година, нов јас“ употребена од голем број граѓани на оваа планета земја, за жал тешко се претвора во „нова година, различна ситуација“ за едно општество. Па така, и во новата година младите ќе се соочуваат со предизвиците и проблемите наталожени од изминатите години. Да не се разбереме погрешно, оваа колумна нема за цел во празничниот период да ве соочи со минатите стеги врз младите. Напротив, има за цел да ви посочи дека новата година пред нас може, треба и мора да биде период во којшто ќе ги решаваме предизвиците со кои се соочуваат младите. Сите овие предизвици, на крајот на денот, резултираат со желба за, и фактичко иселување на младите од нашето општество и држава.

Дали нова агенција ќе го реши проблемот со високото образование?

Да започнеме со една од најгорливите теми во нашето општество – образованието. Законот за високо образование кој беше донесен во 2008 година, а кој важеше до 2018 година, по што беше сменет со целосно нов закон, беше менуван неверојатни 23 пати. Со други зборови, во 10 години од неговото траење, бил менуван по нешто повеќе од два пати годишно! Законот за средно образование кој е донесен во 1995 е менуван со слично реформско темпо како и законот за високо образование. Точно триесет и девет пати менуван од донесувањето до денес. Дополнително, во периодот од 1991 до денес, Министерството за образование (во одредени години името му е министерство за наука) се смениле 24 различни министри. За споредба, нашата држава досега имала „само“ 12 министри за финансии. Во контекстот на образованието значи дека скоро секоја година од постоењето на нашата независна држава има нов министер или министерка кој/а што го води можеби најважниот сектор за нашата иднина. Секој од нив со различни замисли и различни реформски приоритети во образованието. Програмите за образование речиси со уште пократок временски период се менуваат и адаптираат. Ми се чини дека ја добивте сликата. Континуитетот во развивањето на нашето образование е речиси непостоечки. Во пракса тоа значи дека доколку сега тргнете во училиште, ќе завршите во некоја сосема трета констелација од предвиденото. Континуитетот во образованието е важен. Не ме разбирајте погрешно. Ако нешто не функционира, треба да се смени. Но, постаментот и темелите на еден образовен систем треба да се цврсто поставени, со јасна визија и мисија на она што сакаме како држава да го наречеме образовен систем. Дополнително, во изминатите години на нашиот систем значително ги занемаривме можностите за учество на младите во креирањето на овие политики. Формалните можности на учество, како што се средношколски унии и студентски парламенти беа уништени во квази партиски игри за доминација, без да им се даде можност на младите ученици и студенти да учествуваат во работата и креирањето на политики за нив. Тоа ме доведува до заклучокот дека во новата година ќе мора како општество да се договориме каква визија за нашиот образовен систем ќе имаме, за да можеме одново да ги поставиме постаментите на одржлив образовен систем кој ќе им овозможи на младите да добиваат образование какво што го заслужуваат.

Во студентските домови и натаму само козметички зафати

Студентските домови, студентскиот стандард, ученичкиот стандард и ученичките домови се прикладен трансфер на следната точка. Мора да заминат во минатото годините кога ставката за реновирање на студентските домови служи за одлична можност во рамки на ребаланс на буџетот да се полнат други ставки на државниот буџет. Целосното искористување на средствата во новата година, а со тоа реновирање на студентските и ученичките домови мора да биде на прво место во подобрување на животот на учениците и студентите во тие домови. Дополнително, ученичкиот и студентскиот стандард не треба да бидат само насочени кон сместувањето и стипендирање на млади, туку да се прошири и на други релевантни потреби на млади. Пример за тоа би била најавената платежна картичка, но дополнително треба да се воведат субвенции за хранарина, олеснувања за транспорт за сите студенти и ученици и генерална поддршка на младите во образовен процес.

Една од највидливите точки во изминатите години беше (не)вработеноста на младите во нашата држава. Стратешките мерки за намалување на големата стапка на невработеност кај младите се имплементираат тековно, но речиси секоја година квотите за учество во програмите за млади се исполнуваат пред крајот на годината. Повеќе вложување во мерките и стратешко насочување, како и координирање помеѓу сите чинители, како државни така и недржавни (работодавачи, младински организации и сл.) е потребно за новата година да биде поуспешна и да биде темел за следните години. Младинската гаранција во новата година задолжително треба да ги канализира сите средства во подобрување на можностите за млади да се вработат, вклучувајќи ја и можноста за повторно вклучување во образовниот процес без дополнителни средства.

Над 70 проценти од младите сакаат да си заминат од Македонија

Секако, ова се само дел од предизвиците и проблемите со кои ние младите се соочуваме. Но, вметнувањето на сите во една колумна веројатно би резултирало со пишување на цела книга за предизвиците со кои што се соочуваме. На крајот би заклучил дека доколку сакаме сериозно да ги подобриме условите и перспективите за младите во нашето општество, тогаш треба заеднички да се соочиме со реалноста. А реалноста е дека во овој момент не знаеме колку од нашите млади си заминале, каков е профилот на млади луѓе кои си заминуваат, што укажува на уште еден системски недостаток на незнаење каде ни заминуваат младите.

На крајот на денот, ако навистина сакаме да им помогнеме на младите, тогаш ни е потребен план и визија, а не ситни хируршки зафати во статус квото што натерала голем број на млади да заминат од Македонија. Во 2019 ни е потребен план за млади кој кохерентно и детално ќе опише каква перспектива ние ќе им понудиме на младите. Нема да биде лесно, нема ни да ги решиме работите во една година. Но ќе даде основа за следната нова година да не биде иста како и претходните.

Блогот е оригинално објавен на Радио Слободна Европа.