Децениско лидерство во младинска невработеност

За волја на вистината ниту една влада во историјата на Република Македонија не успеа да го реши овој системски проблем. Стапката на невработеност кај млади константно е на ниво околу 50% со мали падови, но и зголемувања во текот на годините, пишува Блажен Малески од Националниот младински совет на Македонија во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во македонското општество непријатните вистини како да се складирани во пандорина кутија која што во ниту еден случај не треба да биде (целосно) отворена. Кога луѓето кои што работат во невладиниот сектор, во истражувачки организации или се бават со истражувања на еден од многуте домашни универзитети, извадат на виделина дел од тие непријатни вистини постои реална шанса да бидат прогласени за државни непријатели. Па така не треба да не чуди што Агенцијата за вработување се уште не ги споделила информациите од резултатите за, како што ги нарекуваат, „многуте активни мерки за младинско вработување“ и ефектот кој што го имаат врз младинската невработеност.

А ситуацијата со младинската невработеност е загрижувачка веќе долги години. За волја на вистината ниту една влада во историјата на Република Македонија не успеа да го реши овој системски проблем. Стапката на невработеност кај млади константно е на ниво околу 50% со мали падови, но и зголемувања во текот на годините.

Со ваквата стапка на невработеност кај младите Македонија се издвојува како еден од европските лидери, заедно со Грција и Шпанија чиј што стапки на младинска невработеност енормно се зголемија за време на финансиската криза. Но, тука не завршува целосната приказна за младинската невработеност.

Македонија е исто така апсолутен лидер кога станува збор за младинска невработеност подолга од 12 месеци. Односно, 68% од невработените млади се невработени подолго од 12 месеци. Дополнително на тоа, истражувањето на Интернационалната Организација на Трудот (ИЛО) од 2013 година за транзицијата на младите од образование до работна позиција во Македонија укажува на тоа дека младите просечно „транзитираат“ 3 години до првото работно место, што исто така не става меѓу лидерите во Европа.

Ваквите статистики се влечат низ цела една деценија, па кога веќе збориме дека сме лидери во разни економски развојни табели, важно е и да напоменеме дека сме децениски лидери во статистики поврзани со младинска невработеност.

Ефектите од децениските проблеми со младинската невработеност треба дополнително и суштински да се анализираат на државно ниво. За тоа да се случи, потребно е отворање на пандорината кутија и анализирање на непријатните вистини поврзани со младинската невработеност. Сепак, има неколку генерални заклучоци од различни истражувања на светско ниво кои што укажуваат на можните последици врз младите луѓе. Па така младите невработени лица, кои што бараат работа подолго од 12 месеци се повеќе склони на психички и физички болести, намалување на човечкиот и социјалниот капитал (изолизараност), воспоставување на штетни семејни врски и добиваат меѓу 5% и 15% помалку плата на својата следна работа во споредба со лицата кои што не барале работа подолго од 12 месеци. Со вакви можни последици врз младото население, Македонија навистина треба да се грижи за иднината.

Домашните истражувања за младите и пазарот на трудот укажуваат и на неефективно координирање на реалните потреби пазарот на трудот и образовните можности. Па така во последните неколку години владата се гордееше со помпезно пречеканите странски инвестиции (кои на крајот дознавме дека ги субвенционираме директно од наш џеб со даночни пари) и ги презентираше како шанса за младите луѓе конечно да се вработат. Она што институциите го заборавија е дека младите невработени лица се почесто се со завршено високо образование (стапката на невработеност кај млади со високо образование е 54.9) и дека минимални плати и физичка работа не се идеалот кон кој што стремат високо образованите кадри. Ваквата нееднаквост меѓу реалните потреби на пазарот на трудот и образованието се гледа и во соработката меѓу Агенцијата за вработување и Министерството за економија, кои што треба да го полнат со информации Министерството за образование за моменталните потреби на пазарот на трудот и проекциите за во иднина. Иако ваквиот механизам и комуникација е предвидена во разни стратегии, во реалноста не се случува ништо за да се променат (на подобро) работите.

Пандорината кутија со непријатни вистини, кога тогаш, ќе мора целосно да се отвори. За тоа да се случи потребна е храброст и отвореност за дискусија, за аргументирање, но и за рефлексија врз досега сработеното. Клучна улога во тоа ќе има и граѓанскиот сектор кои барем на моменти се обидува да долови и објави дел од тие вистини. Пример за тоа е Националниот младински совет на Македонија кој веќе активно започнува на собирање на идеи и мерки кои што се успешни во регионот, но и на Европско ниво преку меѓународната конференција EYECON на која над 100 млади луѓе имаа можност да се запознаат со најдобрите практики од Европа и регионот.

Блогот е оригинално објавен на Радио Слободна Европа.