„Дури и најмалиот гест во најограничените околности го носи семето на безгранична акција.“
– Хана Арент
Секој ноември, за време на 16-те дена активизам, моите социјални мрежи се полнат со познатите портокалови графики, потсетници и слогани. Но за многу жени и девојки, овие 16 дена се слеваат во останатите 349, затоа што сѐ уште го калкулираме патот до дома, сè уште ги анализираме чекорите зад себе и премногу често си го шепотиме она „пиши ми кога ќе стигнеш“.
За „Реактор – Истражување во акција“ ова не е откровение туку база на податоци, меморија подолга од една деценија, тврдоглава посветеност и континуирана приказна на учење и дејствување.
Оваа година е посебна за нас. Во 2025, „Реактор“ наполни 20 години. Обележуваме две децении во кои инсистираме дека истражувањето е навистина корисно тогаш кога придвижува и интервенира во светот – кога се пренесува на улиците, во политиките, институциите, училниците, автобуските постојки, младинските центри и, сè повеќе, во дигиталните простори. Нашето име го носи тоа уверување уште пред да стане модерен развоен слоган. Го избравме затоа што изискуваше нешто од нас и целиме да му останеме доследни и понатаму.
Проект постар од хаштаговите
Работата на безбедноста во јавните простори е одличен пример за тоа. Кога „Реактор“ ја спроведе првата студија во 2012 година, со поддршка од UN Women, политичката клима беше поинаква. Но, приказните што ги слушнавме беа истите оние што подоцна ќе поттикнат глобални движења: страв, избегнување, стратегии на справување, срам… Највпечатлива беше нормализацијата, односно тивкото прифаќање дека „работите се такви какви што се“.
Во тој момент засадивме семе што продолжи да расте. Низ годините се навраќавме, одново меревме и ги вклучувавме заедниците, институциите, активист(к)ите, а особено младите, како дел од еден континуиран влог што никогаш уредно не се вклопуваше во донаторските циклуси. Повеќе од една деценија подоцна, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство преку Kvinna till Kvinna, посветеноста продолжува, и ние сè уште поттикнуваме разговор, прибираме податоци и повикуваме на одговорност.
Нашата мисија и пошироката работа за граѓанско учество, феминистичко лидерство и социјална правда се темели на нашиот фокус кон младите. Преку нивно вклучување како соистражувач(к)и, раскажувач(к)и на приказни и прибирач(к)и на податоци, создаваме побезбедни средини и посилни, поактивни граѓани. Безбедноста во јавниот простор не е само женско прашање, туку и младинско и демократско прашање, што се гледа во бариерите со кои се соочуваат младите жени во образованието, работата, превозот и ноќниот живот.
Нашата одново лансирана платформа http://www.reagiraj-bidibezbedna.mk, на младите девојки и жени им нуди едноставна, но моќна алатка – место каде што можат да кажат: „Ова е тоа што се случи и важно е да биде забележано“, дигитален простор за споделување на искуства и простор да бидат чуени.
Платформата ги отелотворува клучните принципи на партиципативното истражување и ги претвора пасивните испитаници/-чки во активни придонесувач(к)и, третирајќи ја јавната безбедност како заедничко добро и вплетувајќи ги живеените искуства во институционалниот одговор. Знаењето станува трансформативно кога оние што се најмногу засегнати стануваат негови автор(к)и и го држат пенкалото, камерата, мапата. Истражувањето има вистинска моќ не тогаш кога ги набљудува заедниците, туку кога работи со нив.
Може ли една веб-страница да го промени општеството? Да, ако успее да го промени разговорот.
Платформата не е замена за пријавување во полиција. Таа нема да испорача правда со еден клик, ниту ќе ги гони сторителите. Нема преку ноќ да ги обнови уличните светилки. Но може – и тоа и се обидува да го направи – да го помести јавниот наратив. Таа служи за собирање колективно знаење, ги открива и предизвикува стереотипите и охрабрува да се пријавуваат однесувања што со години сме учени да ги минимизираме или нормализираме. Помага да се изгради доверба и колективна храброст.
Промената ретко е драматична на почетокот. Таа најчесто е кумулативна:
Една млада жена пријавува нешто што би го задржала за себе.
Друга сфаќа дека не е сама.
Некој/а професор/ка ја користи мапата на час.
Новинар/ка пишува сторија.
Креатор/ка на политики бара податоци.
Полицијата поинаку размислува за следниот случај.
Една населба почнува да ги набљудува сопствените улици.
Еден град почнува да ги преиспитува нормите што некогаш ги прифаќал здраво за готово.
Токму вака настанува структурната промена.
Предвидувачкото полициско работење, родово сензитивните одговори и ефикасните интервенции не можат да се случат ако функционираме во одвоени светови. Трајната промена бара институционално сојузништво и заедничка посветеност. Иако не е ниту лесна ниту совршена, соработката со Министерството за внатрешни работи е неопходна и незаменлива, а не опционална. А поддршката од Владата на Обединетото Кралство го турка овој процес напред, покажувајќи дека дипломатијата може да обезбеди повеќе од дијалог – побезбедни улици и посилни заедници.
Последниве години не беа лесни – ниту дома, ниту во регионот, ниту глобално. Растечките анти-родови наративи, стеснетиот граѓански простор и политичката фрагментација ја интензивираа работата и го засилија отпорот, но истовремено ја направија прекуграничната солидарност уште понеопходна.
Од Скопје до Брајтон: лична белешка
Оваа работа за мене има и лична димензија. Како Чивнинг стипендистка на магистерските студии „Моќ, партиципација и општествена промена“ на Институтот за развојни студии (IDS) во Брајтон, нурната сум во теорија и пракса што ги обликувале социјалните движења низ Обединетото Кралство и светот. Престојот тука го изострува моето разбирање за тоа како партиципативните пристапи, било во Британија пост-Брегзит или во пост-транзициска Северна Македонија, можат да ги променат односите меѓу граѓаните, институциите и јавниот простор.
Одејќи низ Брајтон една маглива вечер, налетав на постер за „Reclaim the Night“ којшто ме врати назад на нашиот марш во 2016 година во Скопје – истата енергија, истото одбивање да се прифати стравот како нормален, истото инсистирање дека јавниот простор ни припаѓа нам.
Среќавајќи се со иницијативи како Our Streets Now и Cheer Up Luv, препознавам јасни паралели со нашата работа со визуелни техники, кампањи и сведоштва. Долгата традиција на феминистички активизам во Обединетото Кралство – од апликации за безбедност, преку улични ревизии, до кампањи водени од преживеани жртви – одѕвонува со многу од решенијата што ги градиме и дома.
Оваа размена на искуства е важна. Таа го продлабочува чувството на поврзаност и ја обновува енергијата. Таа, исто така, ме потсетува на една едноставна вистина: безбедноста никогаш не е само прашање на страв, туку на слобода, достоинство, пристап и припадност. И дека напредокот ретко е линеарен; насекаде ги поминуваме истите тензии меѓу видливоста и тишината, гласот и отпорот.
Јубилејот на „Реактор“ ја продлабочува оваа перспектива и докажува дека истрајноста е важна, дека етичкото и истражувањето што се темели на заедницата може да ја преобликува културата.
Општествата се менуваат само кога се менуваат луѓето во нив. А безбедноста станува стварност само тогаш кога ја избираме заедно.
Првично објавено на: Foreign, Commonwealth & Development Office Blogs