Сѐ уште постои стереотипот дека ИТ работите се машка професија

Генерално, родовиот јаз во науката, технологијата, инженерството и математиката е навистина огромен. Во високото образование, само 35% од студентите запишани во овие полиња се жени. Она што загрижува е дека оваа вклученост е особено ниска во ИКТ (информатички и комуникациски технологии) и изнесува само 3%. Во Европа на пример, само 29 од 1000 дипломирани студентки имаат диплома во ИКТ (во 2015 година). Истражувањата покажуваат дека родовиот јаз започнува уште во средното училиште, каде девојките е помалку веројатно да изберат предмети поврзани со технологија и наука. Овој тренд продолжува и во високото образование, а потоа и во нивната кариера.[1]

Секторот на ИКТ е најбрзо растечката индустрија во Северна Македонија, со стручна работна сила составена од млади, образовани ИТ специјалист(к)и. Според најтековната проценка, во јуни 2020 година, во нашата држава има 1957 активни компании во оваа индустрија. Сепак, жените претставуваат само 27% од работната сила во ИТ секторот кај нас, а овој процент на раководни позиции изнесува само 12%.[2]

Овие бројки алармираат на неопходноста од адресирање на недоволната вклученост на жените и девојките во една од најзначајните гранки поврзани со иновацијата и развојот на општествата.

Со Александра Ристеска, веб-девелоперка во тимот на Реактор – Истражување во акција, разговараме за некои од начините на кои може да се адресира родовиот јаз во ИКТ секторот.

Што може да направиме за да го затвориме родовиот јаз во ИКТ секторот?

Голем дел од проблемот зошто имаме толку мал број на жени во ИКТ секторот не потекнува од самата индустрија, затоа што токму овој сектор е меѓу оние најотворени за нови кадри без разлика на нивниот пол, националност, сексуална ориентација и слично. Во Северна Македонија сѐ уште постои стереотипот дека ИТ работите се на некој начин машка професија и тоа е една од главните причини за големиот родов јаз во секторот.

Добрата вест е што овој начин на размислување веќе заминува во историјата и имаме се повеќе жени вклучени во едукативниот процес којшто произведува ИТ кадри. Треба да се продолжи да се работи на ова поле со цел да се мотивираат и поттикнат што повеќе девојчиња и жени да го продолжат своето образование токму во ИКТ насоките.

Според мене еден од најважните фактори што би направил придвижување кон намалување на родовиот јаз во овој сектор е токму инвестирање во образованието, а особено во доедукација на постоечките кадри. Постојат голем број на жени од различни професии што со соодветна доедукација можат да ги насочат своите вештини кон ИТ секторот.

За разлика од други сектори, во ИТ секторот постои отвореност за вработување и на жени и на мажи којашто се должи на општиот недостаток на квалификуван кадар во овој сектор. Соодветни програми за едукација коишто ќе се базираат на искористување на постоечките вештини и нивна адаптација кон ИТ секторот би придонеле жените да го достигнат својот потенцијал и во ИТ индустријата.

ИКТ секторот е многу повеќе од само технички сектор во којшто се ценат само техничките вештини. Во овој сектор потребна е работна сила со високо ниво на комуникациски, бизнис и менаџмент вештини. Според мене токму овде лежи потенцијалот на жената не само да навлезе во овој сектор, туку и да напредува кон повисоки позиции.

Дополнително, не би изоставила да ја споменам и неопходноста од родово разделени податоци за состојбите во овој сектор преку кои би се идентификувале најголемите јазови и предизвици, и истите би можеле да се адресираат преку соодветни мерки.

Како можат компаниите и организациите да направат промена?

Во овој поглед веќе чекориме кон вистинската насока, и горда сум да кажам дека темелите на работна средина во којашто нема да има родова дискриминација се веќе поставени. Многу компании кај нас почнуваат да ги следат позитивните примери од западните земји и тоа како тие се справуваат со овој проблем. Воведувањето на практики како што се родово-сензитивни напори за регрутирање на кадри со кои ќе се привлечат повеќе жени апликантки во ИКТ компаниите, менторство, погодности со кои се подобрува рамнотежата меѓу работниот и приватниот живот, се само дел од мерките со кои компаниите може да направат промена кон намалување на родовиот јаз.

Еден од најдобрите начини за напредок на жените во кариерата е да бидат вклучени во програми коишто ќе обезбедат менторство од страна на луѓе со екстензивно искуство во сферата. На овој начин ќе може да се постигне побрз вертикален напредок во рамки на организациите засновано на учење преку споделување на искуства и најдобри практики. Ваквата пракса ќе овозможи да се развие заедница на жени којашто и понатаму ќе работи на унапредување на родовата еднаквост и ќе служи како потпора на една нова генерација на ИКТ кадар.

Компаниите можат да придонесат и преку развој на интерни политики кои во фокус ја имаат родовата еднаквост, ги земаат предвид потребите на сите вработени, како и преку напори кои предвидуваат родово сензитивни мерки при вработување на жени на ИТ позиции, особено компании кои не се во ИКТ секторот и имаат ограничен број на работни места од ИКТ сферата.

Која е улогата на едукаторите и родителите?

Како што напоменав погоре, според мене овој дел е најважниот дел што ќе донесе најголема промена. Свесни сме дека нема ништо да се смени преку ноќ и дека не можеме одеднаш да воведеме рамноправна застапеност во сектор којшто е доминиран од мажи, но што повеќе инвестираме во нашата младина тоа подобри резултати ќе оствариме. Докажано е преку многу примери дека најдобрите ИТ кадри се оние што го започнале своето ИТ образование од многу мала возраст. Токму ова е клучниот чекор што не треба да го изоставиме. Доколку успееме да го зголемиме интересот и да го поттикнеме развојот на кадри од што помала возраст, ќе успееме да постигнеме многу подобри резултати на долг рок.

Идните кадри и професии ќе бидат се повеќе инволвирани во ИКТ технологијата, што ќе го направи ИТ секторот секојдневие во било која компанија и токму затоа ние мораме уште од најрана возраст да ги развиваме ИТ вештините. Со технолошкиот развој и дигитализацијата, во иднина дури и сектори коишто не биле зависни од ИКТ технологија како на пример правниот сектор, економскиот сектор и слични на нив, стануваат се подлабоко поврзани со технологијата. Тоа значи дека идните правници и економисти ќе мораат да имаат високи познавања на технологијата со цел да бидат конкурентни на пазарот. Затоа, сметам дека на ИКТ секторот не треба да се гледа како посебна гранка, туку како основно стебло кое во иднина ќе ги поврзува сите сектори заедно и ќе биде основен медиум за работа на сите успешни компании.

За да успееме да бидеме конкурентни во иднина, нема поважен чекор од зголемување ИТ фокусот во образованието, не само како гранка на изучување туку и како алатка потребна за сите понатамошни професии. Ова може да се постигне преку вклучување на девојчињата од што порана возраст во различни програми преку коишто ќе стекнат практично знаење и искуство од реалниот свет коешто ќе можат да го применат во кариерата. Токму во овој дел е многу значајна вклученоста на компаниите коишто би можеле преку партнерства со образовните институции и невладините организации да го зголемат својот придонес во едукацијата на кадар со вистински вештини и работно искуство применливо во бизнисот.