Дали новиот состав на Владата на Р.С. Македонија го следи начелото за правична застапеност на жените и мажите на раководни позиции и го рефлектира родовиот диверзитет на општеството кое го претставува? Дали без постоење на мерки за промовирање на еднакво учество, како што се родовите квоти, правичната застапеност е приоритет?
Учеството во извршната власт треба да го рефлектира избирачкото тело – жените и мажите имаат еднакво право да влијаат на обликување на општеството – но за жал сè уште гледаме повеќе декларативни заложби во програмите на партиите отколку министерки во владите, а ова е особено случај кај албанскиот блок и кај другите помали етнички заедници. Во изминатите 30 години, во извршната власт сме имале 24 жени наспроти 139 мажи. На министерски позиции биле само 2 Албанки, и 1 претставничка на еврејската заедница, а ниту една Ромка или претставничка на другите етнички заедници.
На Меѓународниот ден на демократијата, повикуваме на рамноправна политичка претставеност и еднакви можности за ефективно учество во демократските процеси. Демократските општества се родово рамноправни општества.