
Женското политичко учество на локално ниво и во 2025 година останува структурно ограничено. Иако во последните три изборни циклуси се бележи зголемување на уделот на жени кандидатки за градоначалнички, овие промени се маргинални и не резултираат во значајно зголемување на бројот на избрани градоначалнички.
Покрај тоа, медиумските практики и јавниот дискурс поставуваат повисоки стандарди за жените во политиката отколку за мажите, со што дополнително се ограничува нивната легитимација и видливост. Притоа, зголемувањето на бројот на жени кандидатки не е доволно само по себе, доколку политичката култура, јавниот дискурс и распределбата на ресурси останат родово асиметрични.
Во март 2023 година, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието на Северна Македонија предложи конкретни измени во Изборниот законик – воведување квота 50-50, квота од 30% за помалку застапениот род во кандидирањето за градоначалнички, и квота од 40% за министерските позиции. Сепак, иницијативата не беше политички поддржана и не резултираше со промени.
* „Жени во политиката 2: Патот до политичките функции и влијанието на локални ниво во С. Македонија”. (2023). Реактор – истражување во акција.