На Меѓународниот ден на девојките во ИКТ потсетуваме дека информатичко-комуникациските технологии сè уште се сметаат за доминантно „машка“ област, а родовиот јаз во оваа сфера останува длабоко втемелен во образованието и можностите за вработување и напредување на жените и девојките.
Она што сѐ уште недостасува се јасни и ефективни политики за охрабрување на родовата еднаквост во ИКТ, особено во области како програмирање и технички иновации. Еден од клучните проблеми е што мал број девојки и млади жени избираат да се едуцираат во ИКТ — и тоа не поради недостаток на интерес или способност, туку поради длабоко вкоренети стереотипи, недостиг на позитивни женски примери за следење, обесхрабрувачка средина во образовните институции, како и очекувања од околината кои ги насочуваат кон „традиционално женски“ професии.
