
На денот на менструалното здравје и хигиена, потсетуваме дека менструалната сиромаштија не е искоренет феномен.
Менструалната сиромаштија е феномен што ги засега девојчињата, жените и другите лица кои менструираат на глобално ниво. Оние што се погодени од менструална сиромаштија немаат пристап до хигиенски производи, немаат безбеден и санитарен простор каде што можат да ги користат овие производи и не можат да го поминат достоинствено периодот на менструирање, без предрасуди, стигма и срам.
Менструалната сиромаштија негативно се одразува и на кариерата на жените и на нивната економска независност. Политиките што се несензитивни и репродуцираат стигма, лоши работни услови и неповолна трудова легислатива, на пример нефлексибилно работно време или неоправдано отсуство од работа поради менструација, можат да влијаат на економските можности за напредок на жените.
Скапите производи за справување со менструацијата и лековите за третирање на болката уште повеќе го оштетуваат „џебот“ на жените. Цената на производите за менструација дополнително е обременета со додаден данок во најголем број од земјите во светот.
Менструалната сиромаштија останува во голема мера непрепознаена во нашата држава и од страна на властите, но и од страна на самите луѓе кои менструираат.
Оттука, апелираме дека е неопходно развивање на свеста за менструалната сиромаштија кај сите чинители и засегнати страни во нашето општество, со цел да се понудат информирани опции, но и да се креираат адекватни и родово-сензитивни политики.
* Истражувањето „Менструална правда” го спроведовме во 2021 во соработка со Tiiiit! Inc.. Прашалникот беше одговорен од 2.696 лица.